Нов Гинисов рекорд: Холанѓанец 40 години живее со пресадено срце

Берт Јансен - Фото: принтскрин/ Твитер/ BBC News (World)

Најдолговечниот пациент со трансплантација на срце, опериран во Англија во 1984 година, официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Берт Јансен (57) од Холандија живее речиси 40 години со донорско срце кое му било пресадено во лондонската болница Харефилд, Англија, пишува „Би-би-си“.

Откако развил симптоми слични на грип на 17-годишна возраст, на Јансен му била дијагностицирана кардиомиопатија, задебелување на срцевиот мускул што го спречува да пумпа крв низ телото. Кардиологот на Јансен во Холандија бил поврзан со болницата Харефилд во Лондон и со пионерот за трансплантација, професорот Магди Јакуба, кој ја извршил операцијата на 6 јуни 1984 година, кога пациентот наполнил 18 години.

Во тоа време, сè уште не се вршела трансплантација на срце во Холандија. „Сè помина многу брзо. Само една недела по пристигнувањето во Харфилд, две срца станаа достапни од голема сообраќајна несреќа во Лондон“, изјавил Јансен.

„Едно срце се поклопи и беше пресадено. Како што ми кажаа лекарите 30 години подоцна, сигурно беше совршено спојување“, изјавил тој.

Јансен рекол дека новото срце му овозможило брзо да се врати на „квалитетниот живот“. Играл тенис и одбојка и работел со полно работно време.

Во 1996 година се оженил со Петра, ги добил синовите Гвидо и Ива, а денес се занимава дури и со параглајдерство.

Неговата операција била 107-ма од ваков вид во Харфилд. Првата била изведена од Сер Магди Јакуб во 1980 година и оттогаш центарот пресадил илјадници срца.

Д-р. Фернандо Риесго Гил, кардиолог и раководител на службата за трансплантација на срце во болницата Харфилд, рекол: „Фантастична вест е што еден од нашите рани пациенти продолжува да живее исполнет и среќен живот толку долго по неговата трансплантација“.

Според британската здравствена служба, минатата недела на активната листа на чекање за трансплантација во Велика Британија имало 7.314 возрасни лица, од кои 248 биле пациенти помлади од 18 години.

„За жал, многу од овие луѓе ќе умрат на листата на чекање бидејќи имаме недостиг од донатори на органи во оваа земја“, предупреди д-р Гил.

„Се надевам дека приказната на Берт ќе послужи како поттик за луѓето да размислат да се регистрираат како донатори на органи, да донираат живот“, изјавил докторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот