Нов циклус или стар циркус со милијардите инвестиции?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Oд СДСМ еднаш рекоа: „осумте милијарди евра инвестиции, најавени од страна на Груевски и Ставревски ќе останат запаметени како најголема предизборна лага, осум пати поголема од милијардата на Циле“. Сега СДСМ нека внимава: да не ѝ даде материјал на ВМРО-ДПМНЕ истото тоа да не го каже за нив.

Убаво е да се прават инвестициски програми, да се има визија и претстава за главни проекти, да се составуваат финансиски конструкции и тоа да му се соопшти на народот. Сепак, иритира да слушаме како во рамка од над 8 милијарди евра се набројуваат едни исти проекти, голем дел од нив стари и по три децении, и сега да се сервираат здраво за готово, речиси само што не почнале да се реализираат. Уште повеќе иритира несреќната коинциденција -токму и поранешниот премиер Никола Груевски, во 2009 година, презентираше инвестициски циклус од 8 милијарди евра!

Веројатно, за пресметаниот износ од толку милијарди евра, и Груевски и Заев се во право. Така покажал тефтерот за еден сериозен инвестициски циклус, со шестгодишна рамка, со проекти кои се неопходни за еден квалитетен живот, за енергетска независност, чиста средина и за економски напредок. Зошто Груевски не ги реализирал тие проекти, тоа е веќе историја, но актуелното прашање е дали навистина Заев смета дека ќе се реализираат во наредните 6 години? Еве, на пример, пругата кон Бугарија. Од каде ќе се најдат 600 милиони евра ако досега, како што вели и самиот Заев, „се обезбедени само 68 милиони преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан од самитот во Трст и дополнителни 60 милиони евра од следниот Самит“. Потоа, дали овој пат навистина ќе се најде инвеститор за „Чебрен“ меѓу деветте компании  кои во тендерскиот процес за јавно-приватно партнерство влегле во втората фаза. Не е јасно и како ќе се обезбедат 520 милиони евра за железничката пруга од Кичево до границата со Албанија, за која засега е почната процедурата на хартија со главен проект и со физибилити студија.

Вакви проекти премиерот Заев најави еден куп. Редеше бројки, како да вади карти од џеб. А тоа изгледаше и малку невкусно. Особено оној „бисер на некоординација“ во врска со Попова Шапка, односно со инвеститорот за кого рече дека се пред финален договор и дека е еден од најголемите инвеститори во скијачки центри во Европа, додека, пак, министерот за надворешни работи Бујар Османи, под чија надлежност се економските аташеа во странство, истиот ден од Тетово објави дека Шапка ја промовирале во Абу Даби и таму станало збор за можноста во летно време таа да биде и голф центар.

Некоординираноста меѓу Владата, министерствата, институциите и неконтинуираноста на проектите е наша долгогодишна болка. Но, таа открива неодговорност, па и огромно его и непочитување на своите колеги, нешто што никако да се надмине во овдешните општествени норми на однесување. Едноставно, за тоа ниво политичарите и функционерите не се дораснати. Како тогаш тие ќе се справат со комплицираната инвестициска програма, тешка над 8 милијарди евра, со надлежности од многу институции, со незатворени финансиски конструкции? Дали ќе го слушнат мислењето на експертите за овие проекти, дали ќе ја прашаат опозицијата и дали ќе има дебата за јавните забелешки дека со концесиите од 99 години и со јавно-приватните партнерства со мали удели на државата се оди кон приватизација на националните богатства од мала група богати луѓе?

Факт е дека и инвестиции и вакви проекти му се потребни на народот. Но, од СДСМ еднаш рекоа: „осумте милијарди евра инвестиции, најавени од Груевски и Ставревски пред локалните избори во 2009 година, ќе останат запаметени како најголемата предизборна лага или 8 пати поголема од милијардата на Циле“. Сега СДСМ нека внимава: да не ѝ даде материјал на ВМРО-ДПМНЕ, еден ден, истото тоа и таа да не го каже за нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот