Николоски нема ништо против унгарскиот телеком оператор „4iG“: Што е важно кој ја дава услугата, ако граѓаните плаќаат поевтино

Александар Николоски / Фото: Скриншот, Јутјуб

За министерот за транспорт и врски, Александар Николоски нема ништо против влегувањето на македонскиот пазар на унгарскиот телеком оператор „4iG“ за коj се знае дека е блиска до претседателот Орбан. Николоски смета дека не е важно кој ја дава услугата, ако граѓаните плаќаат поевтино.

– Зошто граѓаните да плаќаат 5.100 за некоја услуга а да не плаќаат 3.100, а реално и со 3.100 ќе заработуваат операторите. Многу е едноставно. Стравот кај овие два оператори е дека цените драстично ќе се намалат и нема да можат да прават десетици милиони евра профит секоја година, тие пари ќе останат кај граѓаните. Во јавноста да се поставува прашање дали ќе се почитува законот, па нормално ќе се почитува. Никој не е луд да направи нешто што е надвор од законот, тоа е основна работа, тоа е основно правило. Но, суштината е многу подлабока, рече Николоски.

На новинарско прашање за писмото со намери што до Владата го достави операторот „4iG“ групација од Унгарија Николоски рече дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори. Но, нагласи, факт е дека во моментов има дуопол помеѓу постојните два оператори и пазарот е идеално поделен 51:49 помеѓу првиот и вториот оператор.

-Цените на услугите не само што не се намалуваат туку се зголемуваат. Нема никаков натпревар ниту во делот на нудење на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните. Се соочуваме секој ден со проблеми затоа што постои овој дуопол – дали се работи за начин на којшто се поставуваат базни станици, дали се работи за услуги коишто се испорачуваат кон граѓаните, квалитетот не е на соодветно ниво, изјави Николовски, при посетата на Кавадарци.

Министерот рече и дека „се подготвени за напад од двата оператора, но и дека се неколку чекори пред нив и се добро информирани“.

-Кога влеговме во оваа операција бевме свесни дека ќе има голем напад од овие два оператора затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, спремни сме за тој напад, ама да им кажам дека сме барем неколку чекори пред нив затоа што сме многу подобро од нив информирани и сме свесни дека тие никогаш нема јавно да излезат да го нападнат ова, туку преку одредени медиуми во коишто имаат сериозно спонзорство и издвојуваат дел од својот буџет преку реклами, ќе отвораат измислени теми од тип на не знам стратешки позиционирања. Очекувам сега нешто друго да отворат. Но, како што кажав, секогаш сме чекор пред нив од причина што тие „ги газат“ и „ги цицаат“ граѓаните, а ние сакаме граѓаните да имаат подобар квалитет за помалку пари, изјави Николоски.

Министерот Николоски на 6. месецов ја информираше Владата на седница дека е пристигнато писмо со намери од унгарскиот оператор „4iG“ групација, откако тој претходно во Будимпешта оствари средба со претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи.

На пазарот на мобилни комуникации во државава активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. Нивото на пенетрација на малопродажниот пазар на мобилни комуникациски услуги изнесуваше 89,68 проценти во четвртиот кавартл на 2020 година, 93,83 проценти во четвртиот квартал од 2021 година, 105,23 проценти во четвртиот квартал од 2022 година, односно 104,53 проценти во првиот квартал од 2023 година.

Заклучно со третиот квартал од 2023 година на пазарот на моилна телефонија се регистрирани 2.074.021 активни претплатници, во кои мрежните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком имаат удел од по 47,62 односно 47,24 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот