Никогаш не сме одбиле преговори, вели Захарова

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека ставот на Москва за преговорите со Украина останува непроменет. Ова следува по наводите на германски функционер кој неодамна тврдеше дека Москва не е подготвена да води разговори.

„Сè уште сме отворени за преговори, никогаш не сме ги одбиле, подготвени сме да ги водиме, имајќи ја предвид, се разбира, реалноста што се формира во моментов“, рече Захарова за време на брифингот во Москва во средата.

Портпаролката ја обвини германската влада дека не го искористила своето влијание врз Киев за да бара мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина.

„Наместо да го користи своето влијание врз режимот во Киев, германската страна, спротивно на сопствените закони и прописи кои забрануваат извоз на смртоносно оружје во кризните зони и зоните на вооружени конфликти, продолжува да го пумпа режимот во Киев со различни системи на оружје, со што го охрабрува да продолжи со непријателствата по секоја цена“, рече Захарова.

Одговорот на Москва доаѓа откако заменик-портпаролот на германската федерална влада, Кристијане Хофман, во понеделникот рече дека Берлин гледа „недоволна подготвеност за преговори од страна на Русија“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика светските сили „да ја принудат Русија на вистински мировни преговори“ и понуди свој сет на услови за продолжување на разговорите, вклучително и враќање на територијалниот интегритет на Украина и компензација за сета штета предизвикана од конфликтот.

Минатата недела, неколку медиуми, исто така, објавија дека американските власти тајно ја притискале Украина да покаже подготвеност да се вклучи во дијалог со Москва. Сепак, според изворите на „Вашингтон пост“, ова немало за цел да се постигнат вистински преговори, туку да се ублажи загриженоста на странските поддржувачи дека конфликтот ќе се одолговлекува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот