Незгодни прашања за министерот Љутков во Мала Преспа за пописот: Македонско културно лето е за бугарските граѓани!?

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков со жителите на Мала Преспа, Албанија/Фото: Фејсбук

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков при вчерашната посета на селото Глобочани во Мала Преспа, Албанија беше дочекан со незгодни прашања од албанските новинари кои се однесуваа на незадоволството од македонската страна за резултатите од пописот во Република Албанија при што драстично беше намален бројот на припадниците на македонското малцинство на сметка на бугарското малцинство во оваа соседна земја.

– Не сум информиран како се одржа овој попис во Албанија, но ова е дипломатски проблем, оставив на албанската држава да разговара и ние ќе дадеме свое мислење. Индивидуално право на секој граѓанин е да се изразува како што мисли и на крајот ќе оставиме државните институции да го кажат последниот збор – рече Љутков.

Министерстерот Љутков го отвори 19. издание на фестивалот „Македонско културно лето“ во Општина Пустец, но албанските новинари го прашаа дали е тоа активност за бугарските граѓани и за оние кои се во процес на вадење на бугарски пасош од селото Глобочани, на што тој одговори:

– Скоро сите овде секогаш биле информирани дека тоа се денови на македонската култура во Преспа, Албанија. Ние, како Министерство за култура на РСМ нагласуваме дека скоро секоја година во последниве 19 години се одржуваат „Деновите на македонската култура во Преспа, Албанија“, бидејќи културата ги обединува луѓето, Македонците, Албанците итн. Исто така, Пописот што се одржа во нашата земја во месеците септември-ноември 2023 година даде појасна слика за етничкиот состав кај нас – изјавил Љутков, според албанските медиуми.

Инаку, според податоците на албанската служба за статистика ИНСТАТ, бројот на попишани Бугари во Албанија изнесува 7.957, додека бројот на Македонци е 2.281. На претходниот попис во Албанија во 2011 година биле регистрирани 5.512 Македонци.

Министерот Љутков, според соопштението на Министерството вчеравечер во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, Општина Пустец, Р. Албанија, присуствуваше и се обрати на отворањето на 19. издание на фестивалот „Македонско културно лето“.

Во своето обраќање тој истакна дека фестивалот на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

– Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците – рече Љутков.

Тој додаде дека ова е уште една потврда за грижата за македонското малцинство во Албанија и за посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, претворајќи го во значајна дестинација за културен туризам.

„Фестивалот, кој е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, има за цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија“, соопшти Министерството за култура и туризам.

Македонскиот амбасадор во Тирана на консултации кај министерот Муцунски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот