Нетанјаху: Ние сме во војна за опстанок, пред нас се големи предизвици

Бенјамин Нетанјаху / Фото: EPA-EFE/MIRIAM ALSTER / POOL

„И покрај неодамнешните воени успеси, Израел сè уште се соочува со значителни предизвици“, изјавил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на денешниот состанок на владата.

„Израел е во судбоносни денови. Ова се денови на историски достигнувања, но и денови на големи предизвици кои се уште се пред нас“, изјавил тој откако израелските одбранбени сили (ИДФ) нанесоа серија тешки удари врз проиранската милитантна група Хезболах во Либан, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху ги поздравил војниците на ИДФ и оценил дека тие се неверојатни во нападите врз непријателите на Израел и подигање на моралот на народот. Тој исто така изразил сочувство до ужалените семејства и на „драгите семејства на заложниците“.

„Ние сме во војна за нашето постоење. Ќе ги здружиме силите, ќе одиме рака под рака и ќе ги победиме нашите непријатели. Нека заврши годината и нејзините проклетства“, рекол Нетанјаху.

Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека во денешен израелски напад е убиен нивниот водач во Либан, Фатех Шериф Абу ел-Амин. Тој бил убиен заедно со неговата сопруга, син и ќерка, во нападот што бил насочен кон нивната куќа во палестинскиот бегалски камп во јужниот град Тир, пренесува Ројтерс.

Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), милитантна група која учествува во борбата против Израел, пак, соопшти дека тројца негови водачи биле убиени во напад што го таргетирал округот Кола во Бејрут, место во градот каде што се собираат такси-возила и автобуси.

Во израелскиот напад загинаа членот на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, членот на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

Во засилените израелски бомбардирања во текот на две недели загинаа низа највисоки функционери на Хезболах, вклучувајќи го и нивниот лидер Хасан Насралах.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот