Нема СДСМ без АСНОМ

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

И СДСМ и Филипче можат да блеснат во големо светло на политичката сцена, но само доколку се вратат на изворот, на коренот, на нуклеусот на партијата, а тоа е АСНОМ

Не е време за прослава, истакна Венко Филипче, додека пред седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ечеа зурли и тапани. Во својот победнички говор, откако беше избран за нов партиски лидер, тој порача и дека сите оние што предвидуваат крај на СДСМ, ќе бидат разочарани.
Тоа го констатираше новиот предводник на опозицијата во Македонија, откако на партиските избори гласаа половина од пријавените 23.000 члена. Ако се земе предвид дека СДСМ има 83.000 регистрирани приврзаници кои поседуваат членски книшки, и ако не сега, тогаш во блиското минато тие биле активни во извршувањето на партиските цели и задачи, и затоа уште сега можеме да констатираме дека пропаста на партијата веќе се случила. СДСМ не е голема и моќна политичка организација како некогаш, а одлична илустрација за тоа е што Филипче на претседателската функција дојде со 9.052 гласа, што е малку повеќе од 10 отсто од вкупниот број на членови на СДСМ.
Значи нема што тој да го спречува падот на партијата, бидејќи падот веќе се случил, туку тој ќе треба да се посвети на нејзината преродба. Партиските тела и комисии ќе треба повторно да се градат од нула, а некои нови и идни членови ќе треба да препознаат автентичност во политиките, идеите и идеологијата. Можно ли е тоа? Секако, но тоа е ѓаволски тежок процес.
Во наредниот период претпоставувам дека често поставувани прашања од новинарите и од луѓето што се често на медиуми ќе бидат во стилот, „Ќе може ли СДСМ да поврати барем дел од својот некогашен углед и сјај“ или „Ќе може ли новиот партиски лидер Венко Филипче да ја врати разнишаната доверба во партијата“?
Одговорот на овие прашања е едноставен. Да! И СДСМ и Филипче можат, но само доколку се вратат на изворот, на коренот, на нуклеусот на партијата, а тоа е АСНОМ.
Не е СДСМ државотворна партија бидејќи во првиот мандат на партијата беше извршена бескрупулозната приватизација на општествениот капитал или поради учеството во преговорите околу Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Не. Туку поради тоа што во драматичните денови на формирањето на суверена и независна македонска држава, од СДСМ инсистираа и успеаја во тоа да прогласат континуитет од АСНОМ до референдумот за независност. Антифашизмот и борбата за народно ослободување се во ДНК-та на оваа држава, но и на партијата, па самото откажување од асномското наследство значи и напуштање на основниот столб на кој е изградено сè во изминативе 30 и повеќе години.
Втора работа која можеби не се насетува на прв поглед, но исто така е многу битна е и самата социјалдемократија. Во СДСМ никој никогаш не се мачел премногу со идеологија, ниту, пак, постоел некој истакнат партиски функционер којшто нешто и можел да ви каже на таа тема. Но, тоа во минатото и не беше битно. Во 90-тите и во новиот милениум преовладуваа попрагматични начини за политичко претставување, а политичките дебати не се потпираа врз концепти, туку повеќе врз конкретни проблеми и прашања. Но, тоа веќе не е така. Идеологиите се повторно во мода и тоа е веројатно главната причина што низ Европа никнаа еден куп нови политички организации раширени од лево кон десно. Во таква една клима неидеолошкиот СДСМ нема шанса. Затоа на Филипче и на неговите најблиски соработници би им препорачал да се запознаат со Карл Кауцки, Георги Плеханов и со Роза Луксембург кои се ортодоксни марксисти или со Едуард Бернштајн, кој во поглед на употребната вредност на марксизмот е сметан за ревизионист. Нема да биде лошо новиот лидер на СДСМ да го прочита и „Капиталот“ на Карл Маркс, но и „Комунистичкиот манифест“ за да знае дека една содијалдемократска партија е партија на работничката класа, која се залага за социјална правда и формирање социјалистичко општество според економски и политички модел.
Дали Филипче е кадарен тоа да го стори, ако ме прашувате мене, мислам дека не е. Но, можеби веќе по локалните избори тоа и нема да е битно, односно тогаш СДСМ можеби ќе престане да биде битен чинител на политичката сцена во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот