Недела ќе биде неработна само ако проработи државата

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Во државава и досега имаше регулатива според која работникот има право на многу додатоци, но јавна тајна е дека многу работодавци не им ги исплатуваа.

Првата недела – првпат како неработен ден, покажа дека можело да се (пре)живее и без да работат многу продавници што порано работеа. За волја на вистината, телевизиските камери покажаа и огромни редици за леб во некои продавници во моловите, но јасно е дека навиките не се менуваат преку ноќ, како што е сигурно дека постепено, сепак, ќе се сменат. Првичниот впечаток е дека тие што не смееја да отворат во недела, тоа и не го направија. Сега на тест е како ќе се плати работата на оние што беа на работа таму каде што а законот го дозволува тоа.

Скептицизмот, за жал, е и повеќе од оправдан. Во државава и досега имаше регулатива според која работникот има право на многу додатоци, но јавна тајна е дека многу работодавци им ги забошотуваа, не им ги исплатуваа тие додатоци. Според Општиот колективен договор за приватниот сектор, работа на празник треба да се плаќа дополнителни 150 проценти, но Сојузот на синдикати тврди дека „работниците во трговијата беа најмногу експлоатирани од страна на работодавачите на празник, а за тоа или не им го исплаќаа додатокот утврден во Општиот колективен договор или им исплаќаа некој симболичен износ или, пак, додаток од 50 проценти – што беше незаконски“. Синдикатот забележува и дека ретко кој добива пресметка за плата во која јасно е наведен минатиот труд, а и тоа е законска обврска. Многумина работат во сабота, како шести ден во неделата, а 6 дена по 8 часа не е 40-часовна работна недела…

Непочитувањето на регулативата покажува дека има некој деформитет во функционирањето на контролата, па клучното прашање е: што ќе се смени,  преку ноќ, за вистински да профункционира неделата како неработен ден? Според измените на Законот за работни односи има дејности во кои е неопходно да се работи и во недела, но неопходно е и да се исплати додаток од најмалку 50 проценти за секој изминат час и да се даде слободен ден во следните седум дена. Во измените на Законот за трговија, трговијата не семе да работи во недела и на празници, но моловите, пазарите, продавниците во бензинските пумпи и наменски продавници во туристичките места се исклучоци, а таму предвидениот додаток на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 проценти, за секој час поминат на работа.

Добрата вест е дека Државниот инспекторат за труд демонстрираше решителност да не дозволи да работат во недела оние што не смеат да работат и да има правилен надоместок за оние што мора да работат. Оттаму објавија и список на дежурни инспектори во неделите за јануари, но без нивни телефони (?!). Оставија можност и анонимно да се пријават нерегуларности или со ставање податоци на нивната веб страница, со пријава во архива (од понеделник до петок), како и со јавување на телефонскиот број 15131 во работните денови.

Но, како во практика ќе функционираат овие контроли е уште еден голем тест, и тоа за целата држава – од организација на инволвираните институции до справување со нашата рак-рана, корупцијата.  Катастрофално ќе биде ако по толку сликања и трубења дека конечно работниците ја добија неделата како ден за одмор, бидат несоодветно платени оние што ќе одат на работа. Законите се донесени – место за дискусија нема. Но, ако сега почнат да се намалуваат платите за неделните дневници да влезат во досега скроените износи, ништо не сме направиле. Ако пак се исплатат парите, а потоа им бараат да ги вратат назад, тоа е огромен криминал. Таков веќе регистрирале и институциите во контекст на исплата на минималната плата. Ако сепак се случи чудо, па недела неработен ден доследно се спроведе со сите одредби во законите, тоа е надеж дека еден ден во сите фирми ќе се плаќа и минатиот труд, и прекувремената работа, и ноќниот труд и дека ќе малверзации со годишните одмори… Коцката е фрлена!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот