Не можете да ослабнете? Научниците открија генетска причина, а веќе можеби постои и лек!

Фото: Luis Louro / Alamy / Profimedia

Откриена е нова причина зошто луѓето кои немаат одредена крвна група се генетски предиспонирани за прекумерната тежина, пишува „СаенсДејли“ (ScienceDaily).

Тим на истражувачи, предводен од експерти од Универзитетот во Ексетер, откриле дека луѓето со неисправен ген наречен СМИМ1 согоруваат помалку енергија додека се одмораат, што ги доведува во неповолна ситуација кога се обидуваат да одржат здрава тежина.

Во просек, жените со оваа состојба се потешки за 4,6 килограми, а мажите имаат дополнителни 2,4 килограми сало.

СМИМ1 е идентификуван пред само 10 години, додека се трагало по генот кој шифрира одредена крвна група, позната како Вел. Еден од 5.000 луѓе ги нема двете копии на генот, што ги прави Вел-негативни.

Ова ново истражување сугерира дека оваа група има поголема веројатност да има прекумерна тежина, а ова сознание еден ден може да доведе до нови третмани.

Евтин и широко достапен лек за дисфункција на тироидната жлезда може да биде ефикасен во лекувањето на дебелината кај луѓе кои ги немаат двете копии на СМИМ1, а тоа допрва треба да биде научно потврдено, соопштија од Универзитетот во Ексетер.

Студијата открила дека луѓето без двете копии на генот имаат други показатели за прекумерна дебелина, вклучувајќи високи нивоа на маснотии во крвта, знаци на дисфункција на масното ткиво, зголемени ензими на црниот дроб и пониски нивоа на  хормони на тироидната жлезда.

– Стапките на дебелина се зголемија речиси тројно во последните 50 години, а до 2030 година се предвидува дека повеќе од една милијарда поединци во светот ќе бидат предебели. Поврзаните болести и компликации создаваат значителен економски товар за здравствените системи. Дебелината е последица на нерамнотежата помеѓу внесот и потрошувачката на енергија, често сложено меѓуделување на начинот на живот, животната средина и генетските фактори. Кај помал број луѓе дебелината е предизвикана од генетските варијанти. Кога тоа е случај, понекогаш може да се пронајдат нови третмани кои ќе им користат на тие луѓе – и сега се надеваме дека ќе започнеме клиничко испитување за да откриеме дали широко достапен лек за додаток на тироидната жлезда може да биде корисен во лекувањето на дебелината кај луѓето кои  немаат СМИМ1 – рекол Матија Фронтини, вонреден професор по клеточна биологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Ексетер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот