Народниот правобранител лани добил 149 претставки против извршителите

Пари плати хонорари к15 / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Има случаи кога извршните дејствија за наплата на побарувањата се преземаат дури и неколку години по издавање на налогот за извршувања, така што за тој период се зголемуваат и каматите и трошоците за извршување, алармира Народниот правобранител

За работата на извршителите, во 2021 година, до Народниот правобранител се поднесени 149 претставки. Во 2020 година пак, имало 195 претставки, пишува во Извештајот за работата на Народниот правобранител.

„Во однос на висината на наградите и надоместоците на трошоците за работа на извршителите, Народниот правобранител останува на констатацијата дека и покрај измените на Законот за извршување и Тарифата за награда за работата на извршителите со кои беше предвидено нивно намалување, овие износи и натаму се високи. Следствено треба да се истакне дека продолжува праксата на некои извршители за намерно зголемување на трошоците на извршување и каматите, со непреземање извршни дејства за наплата на побарувањата, по издавање на налозите за извршување“, нотира Народниот правобранител.

Оттаму констатираат дека има случаи кога извршните дејствија за наплата на побарувањата се преземаат дури и неколку години по издавање на налогот за извршувања, така што за тој период се зголемуваат и каматите и трошоците за извршување, што во крајна линија претставува додатно парично оптоварување за должникот во постапката.

„Во овие случаи, на подносителите им е укажано дека заштита на нивните права, покрај до Народниот правобранител треба да побараат и пред надлежните судови. Ова, со оглед на тоа што работата на извршителите е подложна на контрола од нивна страна, на начин и во постапка определена во соодветните одредби од Законот за извршувањето и единствено судот ги утврдува сторените незаконитости и ги става вон сила преземените извршни дејствија или пак, го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие“, укажува Народниот правобранител.

Од вкупниот број поднесени претставки во текот на минатата година, 99 се однесуваа на наводи за неправилности во постапките на извршување во кои граѓаните побараа интервенција во однос на неуредната достава, висината на наградите, извршните трошоци и пресметаните камати за задоцнета исплата на долговите, како и барања за наплата на долговите со други средства на извршување. Потоа, 22 претставки се однесуваа на барања за одблокирање на трансакциски сметки, во 10 случаи побарана е помош поради неприменување на предвидените ограничување на извршување, а останатите претставки се однесуваа на одолжување на постапките на извршување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот