„Наредив да се планира напад на холандска фабрика, за да обезбедиме вакцини за ковид“ – шокантно признание на Борис Џонсон

EPA-EFE/ANDY RAIN

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон во неговите мемоари пишува дека додека бил премиер, во времето на ковид-кризата, им наредил на воените команданти да планираат напад на холандска фабрика во март 2021 година, за да се обезбедат пет милиони вакцини против Ковид, кога Европската унија се закани дека ќе го забрани извозот во Велика Британија.

Џонсон, според „Ројтерс“, пишува дека тогашниот заменик-началник на одбраната на Велика Британија, генерал-полковник Даг Чалмерс, му кажал дека ќе биде возможен напад со помош на мали чамци за да се премине Ламанш и да се плови по холандските канали – но го предупредил на дипломатските последици.

Според Џонсон, Чалмерс – кој оттогаш се пензионирал од армијата – му рекол дека нема да биде возможно да се изврши мисијата неоткриено и дека „ако бидеме откриени ќе мора да објасниме зошто напаѓаме долгогодишен сојузник на НАТО.“

„Тајно се согласив со она што сите го мислеа, но не сакав да кажам гласно: дека целата работа е лудост“, вели Џонсон во извадок од неговите мемоари објавени во саботниот весник „Дејли мејл“.

Ниту британското Министерство за одбрана ниту Чалмерс, кој моментално ја извршува функцијата претседател на владиниот Комитет за стандарди во јавниот живот, сè уште не ги коментирале изјавите на Џонсон.

Вакцините против ковид-19 беа развиени од Универзитетот во Оксфорд и „Астразенека“, но дозите беа произведени од подизведувачи во Холандија и Велика Британија.

Во март 2021 година, вакцините беа широко користени во Британија, но дозите произведени во холандската фабрика сè уште чекаа одобрение од ЕУ. И Британија и ЕУ имаа договори со „Астразенека“ за вакцините, па властите во Брисел се обидоа да ги задржат готовите вакцини во холандската фабрика.

Џонсон, кој победи на изборите во декември 2019 година со ветување дека ќе ги заврши долготрајните преговори за излез од ЕУ, рече дека верува оти претставниците на ЕУ дејствуваат под притисок на францускиот претседател Емануел Макрон.

„По два месеци залудни преговори, дојдов до заклучок дека ЕУ се однесува со нас злонамерно и пркосно… затоа што го вакциниравме нашето население многу побрзо отколку тие“, рече Џонсон, кој беше принуден да ја напушти функцијата во 2022 година по серијата скандали, меѓу кои беше и прекршувањето на правилата за „локдаун“ за време на пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот