Најрано во септември ќе биде исплатен спортскиот ваучер

фото: Денис Дуковски/РК Вардар1961

Македонскиот спорт отсекогаш дишел на шкрги поради немањето на финансии за нормално функционирање, но ситуацијата во моментов  е повеќе од алармантна поради неколкумесечното доцнење на исплатата на спортските ваучери.

Некои клубови се уште ги немаат закажано подготовките и не е познато дали ќе продолжат со натпреварување бидејќи главен извор на финансирање им е спортскиот ваучер, а ваучер се уште нема.

Министерот за спорт, Борко Ристовски во интервју за Спорт1 вели дека парите од спортскиот ваучер најрано во септември ќе бидат исплатени.

Ристовски ја обвинува претходната власт за неисплатата на спортските ваучери поради тоа што пари за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот за 2024 година.

„Прво морам да ја нагласам негрижата на претходната Влада за спортот потврдена со самиот факт што парите за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот. Со ребалансот на буџетот обезбедивме 550 милиони денари или околу девет милиони евра, што е можеби еден милион помалку од предвиденото поради големиот недостаток на средства општо во држатата. Но, тоа не треба да ги загрижува спортистите бидејќи ние ќе сториме се таа ‘дупка’ да биде пополнета со дополнителни пари од други извори, кои во следниот период би легнале на нивните сметки. Сега чекаме ребалансот официјално да заврши во август, при што веднаш ќе почнеме со процедурата, која поради итноста верувам дека ќе ја скратиме од 90 дена на најмал можен период во кој ќе може да се завршат сите чекори. Верувам дека веќе во септември спортистите ќе ги добијат парите кои им се неопходни за нормално функционирање“, изјави Ристовски.

Од годинава е изменета исплатата на спортскиот ваучер, па наместо преку сметка на фирма, парите од ваучерот клубовите и индивидуалните спортисти ќе ги добиваат директно од Министерството за спорт.

Во тек е и судењето против 12 лица кои се сомничат за злоупотреба на спортските ваучери. Меѓу обвинетите се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и Дарко Каевски, и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски. Обвинети се и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

„Слободен печат“ дојде до обвинението за спортските ваучери: Раичевиќ обвинува 12 лица за штета од 5 милиони евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот