Најмногу претставки до Народниот правобранител има за судството, извршителите, адвокатите…

Насер Зибери
Насер Зибери / Фото: МИА

Надлежните институции не се доволно спремни и немаат доволно капацитет и ресурси за да се промени состојбата со ниската доверба на граѓаните во правосудството, оценува народниот правобранител Насер Зибери. Коментирајќи ја анкетата на ИРИ за падот на довербата на граѓаните во правосудството, Зибери на денешната прес-конференција појасни дека тука пред сѐ мисли на републичкиот Судски совет и Советот на јавни обвинители.

Според Зибери, без некоја поактивна улога на владата, собранието и судството тешко дека ќе има некое посериозно подобрување.

– Требаше да чекаме да ни сигнализираат и упатуваат критики од Амбасадата на САД, ЕУ итн за да се освестиме дека состојбата не е добра, рече Зибери.

Во однос на заштита на човековите права во областа на правосудството, Зибери посочи дека најголем број на претставки до институцијата Народен правобранител доаѓаат, токму од оваа област, односно судството, правосудството, со подобластите – основни судови, извршители, адвокати, нотари…

– Таа бројка, со денешниот пресек не ја знам, но сигурно е над 400 претставки, од кои скоро половината се однесуваат на работата на извршителите. Значи судовите и извршителите доминираат по бројот на претставки од граѓаните, изјави Зибери.

Во врска со соодветната и правична застапеност во јавниот сектор тој кажа дека истражувањето покажало дека скоро сите помалку бројни заедници се застапени со речиси идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност,
За потребите на ова истражување за 2021 година одговориле стигнале од 1.328 институции и органи и според тие одговори, годинава во однос на минатата на збирно ниво било забележано намалување на бројот на вработени од македонската заедница за 0,5 проценти, односно намалување за 1.354 лица и зголемување на бројот на вработени кај албанската заедница за 0,5 отсто, односно за 431 нововработен.

Намалување на бројот на нововработени за 0,1 отсто има и кај турската заедница, а кај другите заедници нема промени во однос на минатата година.

Посебниот извештај за 2021 година покажува дека има одреден напредок во спроведувањето на ова начело, така што од 2007 година до 2021 година, може да се увиди следната состојба, застапеноста на Македонците во јавниот сектор од 83,72 проценти во 2007 година, во 2021 година е на 72,8 отсто, што е збирно намалување за 10,92 проценти, додека застапеноста на Албанците во јавниот сектор од 10,8 отсто во 2007 година, сега е 20,6 проценти, што претставува зголемување од 9,8 отсто.

Застапеноста на Турците во јавниот сектор од 1,1 процент во 2007 година, изминатата 2021 година е 2,0 отсто, што претставува збирно зголемување за 0,9 проценти. Застапеноста на Ромите – вработени во јавниот сектор во 2007 година изнесувала 0,8 отсто, додека во 2021 година нивната застапеност е 1,3 отсто, така што, според овој податок напредокот кај ромската заедница во изминатите години е 0,5 проценти, додека, застапеноста на Србите во 2007 година, вработени во јавниот сектор, била 1,8 проценти, а во 2021 година е 1,4 отсто, што претставува намалување на збирното ниво од 0,4 проценти.

Власите во 2007 година биле застапени со 0,7 отсто во јавниот сектор, а во 2021 година тие се застапени со истиот процент, додека Бошњаците во 2007 година во јавниот сектор биле 0,3 проценти, а во 2021 година тие се застапени со 0,5 отсто, што е збирно зголемување од 0,2 проценти кај оваа заедница.

Сите оние кои се декларирале како припадници на некоја друга етничка заедница која не е заведена во Преамбулата на Уставот на РСМ, застапени се со 0,7 отсто од вкупно вработените во јавниот сектор во 2021 година, додека, нивната застапеност во 2007 година била 0,9 проценти.

Во однос на соодветната и правична застапеност, подобрување на состојбата имало во кабинетот на претседателот на државата, службата на Собранието на РСМ, Државната комисија за спречување корупција, Врховен Суд, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Агенција за катастар на недвижности, Агенција за млади и спорт и неколку други органи и служби. Но, според Зибери, во одредени органи и институции, и покрај упатените препораки и укажувања на Народниот Правобранител, минатата година не преземале никакви мерки за подобрување на состојбата. Загрижувачка состојба била нотирана во Уставен Суд (3 проценти), Основен Кривичен Суд, Апелационен суд Скопје, Основно Јавно обвинителство Скопје, Академија за судии и јавни обвинители, МАНУ (1 процент), Музеи, Служба за општи и заеднички работи (5.6 проценти), Акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (2.6 отсто), МЕПСО (9 проценти), Агенција за филм, Агенција за администрација (7 проценти), , Агенција за енергетика (0 отсто), Национална агенција за европско образование, Биро за застапување на РСМ во Европскиот суд за човекови права, Институт за фолклор итн..

Што се однесува до прибраните податоци за полова и образовна застапеност, истите укажуваат дека оваа година во субјектите на јавниот сектор има 134.099 вработени лица на неопределено време, од кои 69.014 се мажи (51,46 проценти), додека 65.085 се жени (48,54 отсто).

– Извештајот за 2020 година покажа дека од вкупно 134.979 вработени во испитаните јавни субјекти, 70.182 се мажи (51,99 проценти), а 64.797 (48,01 отсто) се жени. Ваквиот приказ на состојбите значи мал напредок во остварување на половата еднаквост меѓу жените и мажите, што во проценти искажано е зголемување за 00.53 проценти во однос на жените, појасни Зибери.

Од вкупниот број 134.099 вработени мажи и жени во јавниот сектор, 67.771 се со високо образование, 3.886 се со вишо образование, 51.491 се со средно образование, а 10.173 се со основно образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот