Најџел Фараж си обезбеди место во Парламентот

Најџел Фараж / Фото EPA-EFE/ANDY RAIN

Лидерот на британската десничарска Реформска партија, Најџел Фараж, за првпат освои место во парламентот како претставник на англискиот град Клактон, победувајќи го конзервативниот Жил Ватлинг.

Британските медиуми пренесуваат дека со минатомесечната одлука да се кандидира за пратеник, Фараж успеа значително да ја зголеми поддршката за неговата партија ширум Велика Британија.

– Има огромна празнина во десниот центар на британската политика и моја работа е да ја пополнам и тоа е токму она што ќе го направам – рече Фараж по објавувањето на вчерашните изборни резултати.

Тој нагласи дека во следните неколку години планира да изгради национално движење во земјата за во 2029 година да може да ги предизвика лабуристите.

Според излезните анкети, се очекува Реформската партија да освои 13 места во парламентот.

Од друга страна, министерот за одбрана Грант Шапс и Пени Мордант, претседателка на Долниот дом, ги загубија своите места во Парламентот. Местото во парламентот го загуби и поранешната краткотрајна британска конзервативна премиерка,Лиз Трас, која ќе биде заменета со лабуристот Тери Џерми. Трас беше британска премиерка само неколку недели во 2022 година, пред да поднесе оставка.

На вчерашните општи избори во Велика Британија лабуристите освоија 410 од вкупно 650 места во Долниот дом на Парламент, покажуваат излезните анкети, со што заврши 14-годишното континуирано владеење на конзервативците.

Излезните анкети покажуваат дека Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак ќе освои само 131 место, што е нивен најлош изборен резултат од Втората светска војна, пренесоа британските медиуми.

Подемот на Најџел Фараж: Отпишаниот политичар кој ги „нокаутираше“ конзервативците и им пркоси на лабуристите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот