Најдобрите македонски кошаркари во Белград ќе тестираат против Полска

фото: kfsm.mk

Од 09.00 до 10.30 часот тренираа денеска во СРЦ „Кале“ македонските најдобри кошаркари. А половина час подоцна веќе беа во автобус, кој треба да ги однесе до Белград, каде во наредните два дена ќе ги имаат двете проверки во периодот на подготовките пред оној „главен настан“ – олимписките претквалификации во Талин.

Како спаринг партнер за овие тест-натпревари, нашиот стручен тим, предводен од селекторот Александар Јончевски, посака и доби да биде една од најдобрите европски селекции во овој момент – Полска, четврттопласираната на последниот Европски шампионат. Одлична можност за проверка на моменталната форма во која е нашиот сениорски состав:

– Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави – посакува еден од поискусните играчи, секако според „стажот“ во националниот тим, Андреј Магдевски.

Сениорите заминаа за Белград со еден играч помалку во ростерот. Поради болки во грбот, и превентива во Скопје, останува Љубомир Младеновски, што е доста сериозен хендикеп во пресрет на оној завршен дел од подготовките пред настапот на турнирот во Талин.

Согласно договореното, натпреварите помеѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“ во Белград. Првиот меч е закажан за 5 август (сабота), со почеток од 18.часот. А по кратко време за одмор, во недела на пладне, од 12.00 часот, на истото место ќе се игра и вториот меч, по што нашата експедиција се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготовките пред заминувањето за Естонија, планирано за 10 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот