Најавата на министерот за спорт дека спортистите кои рекламираат игри на среќа ќе бидат казнети, го налути секторот

Најавата на министерот за спорт, Борко Ристовски, дека спортистите кои рекламираат игри на среќа ќе бидат казнети, го налути секторот. Претставниците на вработените во казина и обложувалници велат дека се изненадени од неговата најава бидејќи „игрите на среќа се целосно легален економски сектор кој со своите инвестиции позитивно влијае на целокупниот развој на македонската економија“.

„Сакаме да го потсетиме министерот Борко Ристовски дека годишниот приход во државниот буџет од сите приредувачи на игри на среќа достигнува до 280 милиони евра, од кои 1,5 проценти директно се слеваат во Министерството за спорт, дополнителни 1,5 проценти во Министерството за здравство“, реагираат од Здружението.

Тие прашуваат дали ако се казнат спортистите, тоа значи и дека неговото Министерство или Владата ќе се откажат од годишните приходи од оваа индустрија? Дали ќе ги повика и спортските клубови кои се спонзорирани од светски познати брендови од секторот игри на среќа да ги раскинат спонзорските договори?

Истовремено, треба да земе предвид дека вкупно гледано, сите приредувачи на игри на среќа се најголем приватен работодавец во приватниот сектор со директни 10 илјади вработувања. Ако за министерот за спорт е неетички спортисти да рекламираат игри на среќа, тогаш каква порака им испраќа на вработените и нивните семејства, дека можеби работат во сектор кој Владата сака да го забрани?

Според нив, ваквите најави се апсолутно „непотребни во услови кога голем број приредувачи на игри на среќа манифестираат висок степен на општествена одговорност, и надвор од законски предвидените финансиски обврски, со голем број на спонзорства и донации директно го финансираат спортот како основен предуслов за правилен развој на младината“.

„Со вакви чекори министерот за спорт делува дестимулирачки и кон приватните компании од други сектори кои треба да се приклучат на приредувачите на игри на среќа во спонзорирањето на македонскиот спорт“, се додава во реакцијата.

Ристовски рече дека сите оние спортски работници кои ќе ја рекламираат индустријата за игри на среќа ќе ја загубат државната помош.

„Се однесува и на рекламирањето на обложувалници, се однесува и на недостојно однесување, генерално, на сите претседатели коишто се однесуваат така, на нивното работно место и надвор од него. Мора да создадеме градација, да кажеме дека дотука е доволно, а на сите оние коишто добиваат државна помош и притоа рекламираат казина и обложувалници да им биде прекината помошта што ја земаат од државата, затоа што мислам дека е недостојно за кој било спортист да рекламира спортски обложувалници“ изјави Ристовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот