На Клиниката за неврологија сите пациенти се или итни, или со врски

Хаос на Клиниката за неврологија утврдил државниот ревизор во најновиот извештај за работењето во 2023 година. Најскандалозно е што во системот „Мој термин“ во 2023 година биле закажани и реализирани  2.732 термини, што е само 13 проценти од задолжителните прегледи кои Клиниката имала обврска да ги закаже.

Истото освен ревизорот, го потврдило и Министерството за здравство со својата контрола. Двајца министри за здравство, и поранешниот Фатмир Меџити и актуелниот Арбен Таравари се доктори од оваа Клиника.

Директорот на клиниката за неврологија тврдел дека ваквиот низок процент на обезбедени прегледи за пациентите од само 13 проценти е резултат на тоа што другите биле итни или биле прегледувани без термин. Ревизорот констатира дека оваа состојба не е во согласност со правилникот и влијае на начелото за достапност на здравствените услуги. Затоа му препорачува на директорот да овозможи соодветен број на термини во „Мој термин“ за пациентите.

Болницата добила 279 илјади денари за клиничко испитување, ама дали се тоа 30 проценти од парите?

 

Клиниката за неврологија спроведувала клинички студии врз пациентите во кои директорот бил главен истражувач, ама ревизорот не е убеден дека 30 проценти од парите што спонзорот ги давал за клиничкото испитување завршиле во болничката каса како што налага правилникот. Ова е од причина што од документите во архивата не можело да се утврди колку пациенти и визити содржи секое клиничко испитување и не може да се предвиди колку пари ѝ следуваат на Клиниката за неврологија за клиничкото испитување.

Така не може да се потврди дека 279 илјади денари колку што добила Клиниката за клиничкото испитување се 30 проценти од вредноста на клиничките испитувања што се прават на клиниката, констатира Државниот завод за ревизија.

Клиничко испитување е истражување на луѓе наменето за откривање или потврдување на клиничките, фармаколошките и другите дејства на некој лек. Со интерниот правилник на Клиниката за неврологија утврдено е дека 30 проценти од вредноста на клиничкото испитување ќе се одвојува за Клиниката.

Лековите од условен буџет не се бирани на стручен колегиум

 

Државниот завод за ревизија ги анализирал лековите за кои бил одобрен условниот буџет од Фондот за здравство кој изнесува 166 милиони денари за набавка на имуномодулаторна терапија за невролошки заболувања. Таму имале што да видат и наодите се слични со тие од Клиниката за онкологија.

Усвоениот план за специфичен вид и обем на здравствени услуги за 2023 година, во кој се наведени податоци за видот на лекот, бројот на пациенти и потребните количини не е резултат од предлози на стручниот колегиум, туку е изготвен и одобрен само од раководните лица на Клиниката. Оваа состојба создава ризик од нетранспарентно определување на лекови за кои се бара и одобрува условен надоместок без да се базира на стручна анализа и предлози, констатира ревизорот.

Дополнително, во 2017 година на Клиниката е формирана комисија за третман со имуномодулаторна терапија која не работела согласно официјално усвоени протоколи за лекување со овој вид терапија. Критериумите за лекување изготвени на клиниката биле генерални, непрецизни и со нивното применување има ризик за нецелосна транспарентност при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапијата, предупредува ревизорот.

И при контролата на Клиниката за неврологија, ревизорот констатира дека јавните набавки за реагенси се правени така што само една фирма може да се јави на нив затоа што се правеле нарачки за конкретни апарати со затворени системи.

Воспоставениот начин на спроведување на набавките на реагенси за лабораторија не овозможува конкуренција и еднаков третман на економските оператори како и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките.

Не е искористена законската можност да се склучи рамковна спогодба на период до 3 години за да се намалат цените и да се обезбедат бесплатни апарати за вршење на лабораториска медицинска дејност.

Препораката е кога се распишува тендер за набавка на материјали за испитувања во лабораторија, да се користи законската можност за повеќегодишна рамковна спогодба, а фирмата да се обврзе да достави компатибилен апарат за вршење на анализите додека трае договорот.

Во 2023 на Клиниката биле ангажирани 25 лица меѓу кои шалтерски работници, сестри и болничари, со договор на дело и им биле исплатени 2 милиони денари. Согласност од Министерството за финансии немало за ниеден. На ваков начин, констатира ревизорот, се остава простор за субјективизам при изборот на лица со кои ќе се склучи договор и не се дава еднаков пристап до работно место за сите заинтересирани кандидати.

Донирани лекови за мигрена, без дозвола од МАЛМЕД и Министерството за здравство

 

Во 2023 година на Клиниката за неврологија, е набавен лек интерферон бета еден а, од листа на лекови на товар на Фондот за здравство. Евидентирано е дека потрошокот на лекот е 87 милиони денари во годината. Клиниката го набавувала лекот од две фирми, затоа што кога го распишувале тендерот барале различни дозажни форми од еден ист лек.

Ревизијата е на мислење дека е потребно клиниката во соработка со Министерството да го евалуира начинот на кој се приклучуваат пациентите на терапија и на кој се изготвуваат техничките спецификации за да се обезбеди пониска цена во постапката за јавна набавка.

Во 2023 на Клиниката за неврологија американскиот проект Хоуп донирал лек за мигрена во вредност од 26 милиони денари. До денот на ревизијата ни Министерството за здравство ни МАЛМЕД не нашле време да го регистрираат лекот во државава и така пациентите го примаат само со изјава за писмена согласност и има ризик тој да треба да се уништи на депонија, на сметка на Клиниката.

Ревизорот констатира дека на Клиниката за неврологија во 2023 година примените и потрошените лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирани во материјалната и сметководствената евиденција. Начинот на кој се приклучуваат пациентите на одреден вид терапија за мултипна склероза и начинот на кој се прават техничките спецификации за набавка на тие лекови е надвор од Законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот