На државната сметка се чека да легнат 500 милиони евра: Во Собранието помина Законот за задолжување во приватна банка во Унгарија

Ова задолжување носи огромен ризик за економската стабилност на државата, идните генерации ќе ги плаќаат кредитите, а граѓаните ќе се соочат со зголемени даноци и инфлација и намалена куповна моќ, рече Фатмир Битиќи од СДСМ. Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ му одговори дека додека биле на власт, јавниот долг се зголемил од 4,7 милијарди на 8,9 милијарди евра.

Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија кај Унгарската експорт-импорт банка за износ од 500 милиони евра го помина гласањето во Собранието. По неговото објавување во Службен весник, следува договор на кој потпис треба да стават нашата влада и унгарската банка, а потоа набргу се очекува парите да легнат и на нашата сметка.

Според Законот, заемот од Унгарската експорт-импорт банка ќе се повлече во една транша, а рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Износот не е напишан во Законот, но според тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски станува збор за 70.000 евра.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, кој го образложи Законот, рече дека негова цел е да ѝ се помогне на земјата да има одржлива финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските приспособувања и структурните реформи.

На собраниските комисии не присуствуваше опозицијата, но на собраниската седница пред гласањето имаше остра расправа.

Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи остро реагираше дека ова е заем за финансирање домашни, а не странски компании. Тој рече дека приватните банки ги финансираат проектите од матичните земји и дека никаде не можеме да видиме дека со овој заем ќе се финансира нашето стопанство, како што тврдат од Владата.

– Унгарската банка има историја за финансирање проекти што отстапуваат од западноевропскиот вредносен корпус. Се поставува прашањето дали тоа ќе се случи и кај нас и дали ќе бидеме приморани да правиме политички отстапки за овој заем, дали ќе бидеме ставени под влијание на надворешнополитички агенди што не се во согласност со демократските вредности на нашето општество – рече Битиќи.

Според него, ова задолжување носи огромен ризик за економската стабилност на државата, идните генерации ќе ги плаќаат кредитите, а граѓаните ќе се соочат со зголемени даноци и инфлација и намалена куповна моќ. Тој исто така јавно праша зошто министерката за финансии не го образложи овој закон.

– Дали отсуството на министерката за финансии значи несогласување или, уште полошо, неподготвеност да преземе одговорност за оваа одлука и за нејзините последици – праша Битиќи.

Обвинувајќи дека процесот се водел во тајност, праша и „дали Владата се плаши од реакцијата на граѓаните ако вистината излезе на виделина и зошто овој заем не се објавил пред изборите, туку веднаш по доаѓањето на власт, што значи дека за него претходно се преговарало“.

Реплицирајќи, Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека додека Битиќи бил вицепремиер за економски прашања, неговата влада го удвоила јавниот долг од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.

– Да се зборува за тајност за едно задолжување што беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое се дебатира со месеци, е смешно. Тоа е така затоа што свесни се дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претходни задолжувања, затоа што неговата влада само од јануари до јуни 2024 година, направи вкупни трошоци за камати во Буџетот од 182 милиони евра – рече Петрушевски.

Неговиот сопартиец Бојан Стојаноски оцени дека првпат има најтранспарентен начин како ќе бидат потрошени средствата од заемот, кои посочи дека „ќе влезат во Буџетот само како попатна станица додека не бидат испратени таму каде што треба“.

– Овој заем доминантно ќе биде искористен за две цели, за финансирање инфраструктурни проекти на општините во износ од 250 милиони евра и за финансирање евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра – рече Стојаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот