Муцунски: Ние имаме наши обврски, но и ЕУ треба да испорача за да го задржи кредибилитетот

Реформската агенда, очекувањата коишто ЕУ ги има од нашата земја, реформите што треба да се испорачуваат и реализацијата на Планот за раст на западниот Балкан, беа главни теми на денешните средби на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Брисел со претставниците на институциите на Европската Унија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Муцунски се сретна со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и пристапни преговори (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, како и со европратениците Дејвид Мекалистер, Тинeке Стрик и Илхан Ќучук.

„Им се заблагодарив на членовите на Европскиот парламент за поддршката која што тие ја дадоа за Планот на раст, што неодамна беше усвоен и којшто ќе биде многу значаен за целиот регион. Клучните прашања што ги отворавме се очекувањата што ги имаат тие од државата, но и очекувањата коишто ние ги имаме од ЕУ за што е потребно и таа да испорача за да го задржи тој кредибилитет во нашиот регион“, истакна Муцунски по средбите во Брисел.

Во однос на обврските што треба да ги исполни земјава од страна на претставниците на ЕУ биле посочени реформите во делот на владеењето на правото и јавната администрација, како и борбата со високата корупција.

„Има и некои прашања коишто се во доменот на политичките очекувањата, при што ние ги претставивме ставовите на Владата, коишто се инкорпорирани и во владината програма и беа дел од ставовите на политичките партии коишто добија мнозинство од граѓаните на последните избори“, рече Муцунски.

Шефот на дипломатијата информира и дека на средбата со европратеникот Ќучук, кој во претходниот европарламентарен состав беше известител на Европскиот парламент за државата, разговарале за тековните реформи што треба да се спроведат, но и за билатералните односи на земјава со Бугарија.

Во врска со тоа кога земјава ќе може да ја очекува првата транша од финансиските средства предвидени со Планот за раст на Западниот Балкан, Муцунски истакна дека не би можел да прејудицира кога ќе се случи тоа.

Тој нагласи дека со оваа негова прва работна посета во странство по стапувањето на должност е отворен дијалогот на новата Влада со претставниците во Брисел, при што најави дека во следниот период во официјална посета белгискиот главен град ќе допатува и премиерот Христијан Мицкоски.

„Чекаме да се случи една извесност во Брисел за тоа кој ќе ги предводи европските институции. Во моментот гледате дека фокусот на највисоко ниво на ЕУ е за тоа кој ќе биде нов претседател на Европската комисија и кој ќе ги преземе клучните ресори“, рече Муцунски, додавајќи дека по завршувањето на тој дијалог во Брисел ќе допатува премиерот Мицкоски на покана на официјалните претставници на Унијата, со што ќе продолжи дијалогот на новата Влада со европските институции

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот