„Многу опасна ескалација од страна на Кремљ“: Сојузниците реагираат по ракетирањето на полско село

Фото: Твитер/принтскрин

Сојузниците на Полска од НАТО и од ЕУ вечерва изразуваат поддршка за Варшава, откако проектили погодија полско село на границата со Украина, убивајќи двајца луѓе.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Твитер напиша дека е „шокиран“ од веста за експлозијата во која загинаа луѓе во Полска.

– Сочувство до семејствата. Ние сме со Полска. Во контакт сум со полските власти, членовите на Европскиот совет и другите сојузници – напиша Мишел на Твитер.

Шефот на летонската дипломатија, Едгарс Ринкевичс, на Твитер напиша дека паѓањето на „двете руски ракети“ во полско село на границата со Украина е „многу опасна ескалација”.

– Руските проектили кои погодија територија на членка на НАТО се многу опасна ескалација од страна на Кремљ. Летонија изразува целосна солидарност со нашиот сојузник Полска и ќе ја поддржи секоја акција што Полска ја смета за соодветна. Русија ќе сноси целосна одговорност за сите последици, напиша Ринкевичс на Твитер.

Претходно и летонскиот министер за одбрана, Артис Пабрикс, изјави дека руски ракети го погодиле селото Пржеводов на полско-украинската граница.

– Мое сочувство до нашите полски браќа по оружје. Криминалниот руски режим истрела проектили кои не само што ги таргетираа украинските цивили, туку паднаа и на територијата на НАТО во Полска. Летонија целосно стои сп своите полски пријатели и го осудува ова злосторство, истакна Пабрикс.

Словачкиот министер за одбрана Јаро Над изјави дека е „многу загрижен откако руски ракети паднаа врз Полска“.

– Русија мора да објасни што се случи. Бесмислените напади врз инфраструктурата мора веднаш да престанат. Руската непромисленост излегува од контрола. Ќе бидам во близок контакт со (полскиот министер за одбрана) Мариуш Блашчак и сојузниците да координираат одговор на ова, напиша Над на Твитер.

Неименуван висок претставник на американските разузнавачки служби претходно во изјава за АП рече дека експлозијата била предизвикана од руски ракети. Пентагон наведе дека засега нема информации со кои ова може да се потврди.

Официјално, полски претставници досега не изјавија дека експлозијата е предизвикана од руски ракети. Премиерот Матеуш Моравјецки итно го свика Комитетот на Министерскиот совет за прашања на националната безбедност и одбраната.

И премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, вечерва свика итен состанок на Советот за одбрана на земјата.

„Како одговор на прекинот на транспортот на нафта преку нафтоводот Дружба и проектилите што ја погодија полска територија, унгарскиот премиер Орбан свика итен Совет за одбрана“, изјави портпаролот на унгарската Влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот