ММЕ кој прв почна!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Првите три еврообврзници ги вративме, секако со нови кредити, а четвртата ќе ја вратиме во јули со последнава, осма еврообврзница, која пак ќе треба да ја вратиме во 2028 година. И така, спиралата си се мота…

Иако се очекуваше дека ќе се задолжиме со нова еврообврзница, сепак некако тешко се прифаќа дека само девет месеци по претходната, пак се задолжуваме со ист износ од 700 милиони евра. Министерот за економија Фатмир Бесими упорно повторува дека тоа е нето задолжување од 200 милиони евра, затоа што во 2014 година сме се задолжиле со 500 милиони, што годинава стигнуваат за наплата.

Но, тоа не го менува фактот дека кредитот е 700 милиони евра, туку само кажува дека не сме способни да си ги вратиме оние 500 што сме ги зеле пред седум години. А, реално, зарем некој може да очекува дека ние од нашиот буџет ќе имаме да вратиме одеднаш 500 милиони евра, не во ковид-криза, туку дури и да го имаме тој толку посакуван економски раст од пет 5 проценти?

Ситуацијата со кредитите е излезена од контрола, иако ние, во однос на другите земји сме во онаа група што е многу помалку задолжена. Задолжувањето е нормална болест на современата економија и веројатно допрва ќе се види каде тоа ќе го однесе светот. Но, за нас сега важи поговорката, односно насловот од драмата на Дејан Дуковски – ММЕ кој прв почна?

Во почетокот не беше неопходно задолжување во такви размери какви што се случуваа, ниту пак се покажа дека парите се искористија рационално. Цената сега стигнува како „драмски расплет“ за еврообрзницата од 2014 и за „Скопје 2014“, а што е уште полошо пари за тој проект беа позајмувани и пред и по таа еврообврзница. Проектот проголта околу 600 милиони евра, а таквото драматично, мегаломанско менување на личниот опис на градот му донесе многу критики на Скопје. За волја на вистината, проектот донесе и туристи, но тие ни оддалеку не можат да ја оправдаат платената цена. А, да не зборуваме за последиците што ги донесе антиквизацијата во односите со јужниот сосед.

Една стара поговорка вели: „Да се жали за минатото е исто што и да се трча по ветерот“. Штетата е направена и што и да се каже сега е бадијала. Големите кредити ќе тропаат на врата. Наредната еврообврзница што треба да ја враќа Македонија е онаа од 2015 година, инаку петта по ред издадена, во износ од 270 милиони евра, а која доспева во 2023 година. Во 2025 година треба да се вратат позајмените 500 милиони евра со еврообврзницата од 2018, а во 2026 година -ланската позајмица од 700 милиони евра. Првите три ги вративме, секако со нови кредити, а четвртата ќе ја вратиме во јули со последнава еврообврзница, која пак ќе треба да ја вратиме во 2028 година. И така спиралата си се мота…

Но, не е време кога можеме многу да размислуваме за тоа дали треба да се задолжуваме. Сега целиот свет, па и нашата држава, е во позиција на куќа во која има болен – не се прашува за цена, ако има лек. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека првпат е скроена сериозна рамка за петгодишна фискална консолидација со која јавниот долг ќе падне под 60 проценти од бруто-домашниот производ, линија која е граница во економијата, утврдена со Договорот од Мастрихт. Бесими вели дека висината на јавниот долг и горната граница на буџетскиот дефицит ќе влезат во закон, кој чека на ред во Собранието. Ветува и фискален совет од независни професионалци. Ако се успее во тоа ќе биде добро, барем според економската теорија. Но, уште подобро е ако конечно се научи лекцијата – за што смеат да се трошат државните пари, било да се тоа собрани преку даноци од народот, или позајмени од кредиторите. Ако се нема ум, морал и доблест, конечно да се сфати таа лекција, секое задолжување ќе биде преголемо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот