Младите брачни двојки од Кисела Вода ќе можат поевтино да си изградат куќа

Кисела Вода/ Фото МИА

Преку ослободувањето од плаќањето комуналии, предвидено на ниво од 40 отсто за објекти во рамките на ГУП на град Скопје и 100 отсто за објекти надвор од ГУП, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Младите брачни двојки од Кисела Вода ќе можат да изградат куќа во општината, а притоа ќе бидат делумно или целосно ослободени од плаќање комуналии. Ова е во рамките на кампањата што ја почна Општината под мотото „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“.

Станува збор за иницијатива што претставува директен одговор на потребите на младите брачни парови што се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија. Преку проектот „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, брачните парови до 40-годишна возраст, кои немаат друг имот во своја сопственост, од Општина Кисела Вода ќе добијат можност за делумно или целосно ослободување од плаќање на надоместок за уредување градежно земјиште – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Но, за да се овозможи ова, потребно е да се исполнат неколку услови. Најпрво, инвеститори мора да бидат двајцата брачни другари, кои притоа треба да се на возраст до 40 години. Услов е и двајцата да немаат друг објект во нивна сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објект. Потоа, проектот, како составен дел од документацијата за одобрение за градба, според закон, да содржи само една станбена единица. Инвеститорите, исто така, мора да склучат договор со општината дека објектот нема да го продадат во рок од 10 години од денот на склучувањето на договорот.

Преку ослободувањето од плаќањето на комуналии, предвидено на ниво од 40 отсто за објекти во рамки на ГУП на град Скопје и 100 отсто за објекти надвор од ГУП, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите – истакна Ѓорѓиевски.

Како што објасни градоначалникот, на пример, за изградба на куќа од 100 метри квадратни во Црниче, брачната двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6.600 евра, додека во село Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5.000 евра.

Во наредниот период Општина Кисела Вода ќе обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се преземат од општинската веб-страница.

Оваа одлука вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина, за што во овој момент сакам да упатам голема благодарност до советниците. „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина. Со овој чекор, ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе – вели градоначалникот.

Тој потсети дека и Владата го поставила демографскиот развој како клучен приоритет за стабилноста и економскиот напредок на нашата земја и затоа, како што истакна, секој од нас, е должен да вложи максимални напори за да се поддржат младите да останат овде, да создадат тука свој дом и семејство.

Зајакнувајќи го демографскиот потенцијал на Кисела Вода, создаваме заедница што ќе биде симбол на сигурност, поддршка и просперитет. Со оваа иницијатива, ги поставуваме темелите за заедничка иднина каде што секој млад брачен пар ќе има можност да го изгради својот дом и да остане овде, во својата општина, во својата држава – рече Ѓорѓиевски.

Тој се надева дека овој чекор ќе го следат и други општини, па и Град Скопје, кој доколку се откаже од 60-те проценти што во моментов ги зема како комуналии, би овозможил 100-процентно ослободување од плаќањето на надоместок за уредување на градежно земјиште и уште поповолни услови за младите лица што сакаат да оформат дом.

Она што исто така сметам дека е важно да се истакне е дека преку „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, паралелно придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот. Според податоците, само 27отсто од сопствениците на недвижности се жени, и затоа, со предлог-одлуката што бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост – тврди првиот човек на Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот