Млад се задолжуваш, стар се раздолжуваш

Фотографија: „Слободен печат“

Правни експерти објаснуваат дека за очекување било Уставниот суд да ја укине ретроактивноста на законот, но дека не гледаат ништо спорно во тоа дека извршувањето мора да заврши во рок од 10 години по поднесеното барање за присилна наплата. Вакви примери, велат, има во многу земји

Уставниот суд донесе одлука за укинување на членовите 2 и 4 од Измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи донесени минатата година, со што се укина апсолутноста на рокот на застарување на предметите – 10 години од покренување на постапката, па нема краен рок кога извршителите ќе тропнат на врата. Од овие законски измени останува да важи одредбата за каматите: „Кога износот на достасаната а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“. За оваа одредба воопшто немало иницијатива за преиспитување на уставноста.

Како што посочи на брифингот за медиуми судијката Ана Павловска Данева, известител за предметот, таквата одлука е донесена поради тоа што Собранието не внимавало на забраната на повратно важење на законите, како и на уставната обврска да овозможи преоден период за приспособување на граѓаните на новиот правен режим. Според Уставот, како што појасни Данева, исклучок од споменатото правило за објава во „Службен весник“ е дозволено, но Собранието не дало одговор до Уставниот суд, ниту, пак, во образложението на предлог-законските измени не се осврнало на причините и целите за правење ваков исклучок.

Како функционираат роковите во практика?

Според сегашното законско решение, како што објаснуваат правните експерти, ако имаме правосилна судска одлука од 1 јануари 2023 година, барање за извршување може да се даде во рок од 5 години, до 1 јануари 2028 година. Потоа, почнува да тече нов рок од 10 години, што се нарекува апсолутен рок на застареност. Значи, предметот мора да заврши до 1 јануари 2038 година.
Со сегашното укинување на двата члена се враќа старото законско решение, според кое ако имаме правосилна судска одлука од 1 јануари 2023 година, барање за извршување може да се даде во рок од 10 години, односно до 1 јануари 2033 година. Потоа, почнува да тече нов рок од 10 години но не со апсолутна туку со релативна застареност. Односно во тој рок треба да се преземат некои правни дејствија, но не и да биде завршена постапката до 2043 година. Краен рок за завршување на постапката нема.
Законските измени од минатата година некои ги спроведуваа, некои не. Имаше случаи кога се сопреле постапките за извршување повикувајќи се на апсолутната застареност, но имаше кога и тие си продолжуваа. Извршителите се повикуваа на лен 349 од Законот за облигациони односи, според кој само судот може да утврди застареност на предмет.

Ќе предложи ли СДСМ нови законски измени?

Законските измени што се усвоија лани ги предложи група пратеници од СДСМ. Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски во изјава за „Слободен печат“ вели дека ќе го разгледаат овој нов момент и дека наскоро ќе ја информираат јавноста како понатаму ќе постапуваат, односно дали ќе предложат нови законски измени.
Правни експерти за „Слободен печат“ објаснуваат дека за очекување било Уставниот суд да ја укине ретроактивноста на законот, односно одредбата што овозможуваше тој да важи за сите почнати постапки во минатото, но дека не гледаат ништо спорно во членот 2 со кој се скрати општиот рок на застареност од 10 на 5 години, како и дека извршувањето мора да заврши во рок од 10 години по поднесеното барање за присилна наплата. Експерти објаснуваат дека постојат многу компаративни примери од разни држави во кои има апсолутна застареност на долговите.

Претходно Уставниот суд одлучи поинаку

Уставниот суд на почетокот на оваа година извести дека не поведува постапка за членот 4 од Измените на Законот за облигациони односи.
„Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки што сè уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки што пред влегувањето во сила на законот завршиле“, извести на 11 јануари Уставниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот