Министерството за култура не добило никаков допис од Бугарија за спас на родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп

Куќата на Димитар Тaлев во Прилеп се распаѓа/Фото: БГНЕС/Wikipedia

Министерството за култура за „Слободен печат“ соопшти дека до овој момент нема добиено никаков допис во врска со иницијативата на бугарската влада да ја купи, обнови и претвори во музеј родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп.

Писателот Димитар Талев родум од Прилеп во повоените години бил затворен под обвинение дека ширел великобугарски шовинизам, а по излегувањето од затвор во 1948 година заминал во Софија, каде живеел и творел се до смртта во 1966 година. Во бугарската книжевност има посебно и значајно место, а во 1998 година се наоѓа на светската листа за одбележување на важни годишнина на УНЕСКО заради неговиот придонес кон светската култура.

Бугарските власти уште во јуни 2023 година донесоа одлука за стекнување на имотот но досега не презедоа конкретни дејствија иако објектот со години е руиниран и пропаѓа.

Но токму вчера бугарската влада го задолжи министерот за култура Најден Тодоров што поскоро да ја истражи можноста и ја започна постапката за купување на родната куќа на писателот Димитар Талев во Прилеп.

Бугарскиот технички премиер Димитар Главчев смета дека ова прашање не треба повеќе да се одложува и повика на итно преземање на се што е неопходно за да се спаси куќата.

„Мора да се најде итно решение, да се преземат сите активности за спас на куќата на големиот бугарски писател, вклучително и дипломатски. Им должиме на нашите деца, куќата мора да се зачува, реставрира и да се претвори во музеј“, нагласи бугарскиот премиер.

Проблем е што во моментот само сопственичката на 2/3 од имотот се изјаснила дека сака да го продаде нејзиниот дел, а во 2023 година цената што таа ја побара е 100.000 евра. Но, третината е на друг сопственик, кој категорично одбива да го продаде својот дел на бугарската држава.

Сопственичката Снежана Аческа, уште минатата година побара од бугарската држава да се откупи нејзиниот дел за да се спаси куќата. Таа тврдеше дека и наследниците на Талев биле избркани од Прилеп и од Македонија и доживеале слична судбина како и писателот во повоените години.

-Министерството за култура нема надлежност по прашања на купопродажен недвижен имот, со оглед на тоа што истиот не претставува заштитено културно наследство. Доколку во Министерството се достави допис за споменатата куќа, во зависност од поставените прашање ќе дадеме соодветен одговор, од аспект на надлежноста на Министерството за култура, соопштија од Министерството за „Слободен печат“.

Во секој случај доколку се решат целосно имотно-правните односи околу руинираната куќа на писателот Димитар Талев, обновата и евентуалното нејзино претворање во музеј треба да биде предмет на договор меѓу двете влади и надлежните министерства за култура.

Пред 10 години македонското Министерството за култура во соработка со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА ја обнови и ја претвори во Спомен – музеј посветен на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, родната куќа на неговиот татко во село Коџаџик, Општина Жупа. Отворањето на оваа спомен куќа беше меѓу чекорите за зајакнење на македонско – турското пријателство и соработка.

Минатата година македонската Влада, на предлог на Министерството за култура, донесе Одлука за основање национална установа „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“-Коџаџик, Центар Жупа која ќе извршува музејска дејност. Претходно Спомен куќата на семејството на Мустафа Кемал Ататурк и роднинската куќа во Коџаџик беше дадена на трајно користење на Национална установа Музеј на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот