Министерот Николовски го повика обвинителството: Еден километар железничка пруга ќе нè чини 24 милиони евра?!

Александар николоски/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

По наодите на Државниот завод за ревизија, новиот министер за транспорт и врски порача обвинителите да влезат во Железница-Инфраструктура и во Јавното претпријатие за државни патишта

Новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски со извештајот на Државниот ревизор во рака, во кој е испитана ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции го повика државниот јавен обвинител да постапи според наодите во кои се открива дека нема надзор во реализација на проектите, првичната сума за железничката пруга кон Бугарија „скокнала“ од 340 на 560 милиони евра, цената на автопатот Кичево-Охрид се зголемила од 411 на 589 милиони евра, а досега се потрошени 446 милиони евра и крајот на се гледа …

-За мене една од клучните работи е констатацијата на ревизорите дека нема надзор како се трошат народните пари – рече Николовски.
Осврнувајќи се на пругата кон Бугарија, Николовски потенцираше дека денес завршува тендерот за третата фаза од изградбата и обвини дека претходната Влада ј почнала тендерската постапка во предизборниот период.

-Денес завршува рокот за прием на понуди за проектот кој ќе значи изградба на најскапа пруга, од пред Крива Паланка до граница со Бугарија. Притоа, таа ќе поминува низ Крива Паланка за што треба да се рушат десетина, можеби стотина куќи и ќе завршиме во тунел кој нема крај. Велам во тунел, затоа што поврзувањето со Бугарија е предвидено со тунел, а ние градиме само од нашата страна. Бугарија нема ни проект за ова. Таа има железничка пруга кон Македонија, но нема неколку километри и не знаеме што ќе се случи-рече Николовски.

Тој потенцираше дека со зголемување на износот за третата фаза за 220 милиони евра, достигнувајќи 560 милиони евра, еден километар железничка пруга ќе чини 24 милиони евра.

-Ги повикувам меѓународните кредитори, како и оние што даваат грантови за оваа намена, да ги преиспитаат наодите за железничката пруга – рече Николовски.
На прашање на „Слободен печат“ дали смета дека не треба да се гради пруга кон Бугарија, тој рече дека та треба да се гради, но не под овие услови.

Николовски го прочита и делот од ревизорскиот извештај каде што пишува дека за патот кон косовска граница проценетата вредност е зголемена од 112 милиони евра на 198 милиони за 10,5 километри автопат.

-Патот не е ни почнат, а според ревизорскиот извештај, еден километар ќе чини 20 милиони евра! – вели Николовски.

Во однос на автопатиштата што треба да ги гради Бехтел и Енка тој рече дека е добро позната информацијата дека веќе се исплатени 250 милиони евра и неразумно би било да се раскине договорот но, дека треба внимателно да се разгледа што понатаму.

Николовски вели дека директорот на јавното претпријатие за државни патишта по ваквиот ревизорски извештај требал да си поднесе оставка, но бидејќи не го прави тоа, ќе се разгледа правната процедура како да се разреши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот