Мицотакис упати остри пораки до Турција и Македонија во говорот во ОН

Говор на грчкиот премиер Мицотакис во ООН/Фото: Скриншот

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се обрати на 79. Генерално собрание на ОН, и во својот говор посебен акцент стави на три клучни прашања за грчката дипломатија: грчко – турските односи, кипарското прашање и прекршувањето на Договорот од Преспа од страна на македонските власти.

Мицотакис испрати нова порака до Македонија, велејќи дека меѓународните договори мора целосно да се имплементираат, а осврнувајќи се на Западен Балкан, тој ја повтори поддршката на Грција за нивната пристапна перспектива, појаснувајќи, сепак, дека земјите кандидати мора да го почитуваат владеењето на правото и добрососедски односи.

– Оживувањето на националистичките наративи и аспирации денес не смее да има место во регионот на работ на членството во ЕУ. Да почнеме со основите: меѓународните договори мора да се почитуваат и спроведуваат целосно и со добра волја, без разлика дали зборуваме за Дејтон или за Преспа, или за договорите Белград-Приштина – посочи Мицотакис.

Мицотакис испрати порака до Турција дека двете земји имаат прозорец на можности за решавање на отворените прашања во источниот Медитеран и ЕЕЗ преку дијалог, а во однос на кипарското прашање, грчкиот премиер ја повтори поддршката на Грција за рестартирање на разговорите и посочи дека „решение со две држави не може да постои ниту да се прифати“.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова претходно од истата говорница на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“  прват јавно го употреби уставното име „Република Северна Македонија“ од нејзината инаугурација за претседател на државата, притоа зборувајќи кратко за историјатот на промената на името на државата, како и за неправдите кои ѝ беа нанесени низ децениското постоење. Острите реакции на грчката страна се однесуваа на неупотребата на уставното име од страна на новата македонската власт што за нив претставува грубо кршење на Преспанскиот договор.

– Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Северна Македонија. Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно „се заборави” правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година. Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес. Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски – рече Сиљановска Давкова.

Таа во продолжение зборуваше и за тоа дека во последните 30 години од независноста на македонската држава направени се 36 имени на Уставот и сега и „членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно ‘последен услов‘ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот