Мицотакис: Преспанскиот договор мора да се почитува

Фото: Принтскрин

„Договорот од Преспа, Дејтонскиот договор и Договорот Белград – Приштина мора да се почитуваат и имплементираат“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Постојат нарушувачи, кои не би сакале ништо повеќе од тоа да предизвикаат нови поделби во овој чувствителен агол на Европа. Време е познатата фраза на Винстон Черчил дека „Балканот произведува повеќе историја отколку што може да консумира“ еднаш засекогаш да ја оставиме во историските книги“, порача грчкиот премиер Кирјакос Мициотакис осврнувајќи се на иднината на Западен Балкан.

Мицотакис рече дека Грција, како најстара земја членка на ЕУ во регионот, отсекогаш имала визија за Западен Балкан да биде дел од европското семејство, „визија која ќе ги намали тензиите и конфликтите и ќе ги вгради владеењето на правото и основните слободи, поттикнувајќи развој и просперитет за народите“.

Посочи дека „имаше напредок, но не беше доволен“, а 21 година по Солунската агенда „остануваат значајните предизвици“.

„Дозволете ми да бидам многу искрен: земјите од Западен Балкан треба да донесат дефинитивна одлука да го остават зад себе трауматичното наследство од минатото. И политичкото раководство на Западен Балкан треба, со дела, да избере да ја прифати својата европска иднина. Преку подобрување на демократското владеење, консолидирање на владеењето на правото и слободата на изразување, спроведување на тешки внатрешни реформи и многу важно, посветеност на добрососедските односи. Заживувањето на националистичките наративи и агенди не треба денес да има место во регионот што е на прагот за членство во ЕУ. Да почнеме со основите работи: меѓународните договори мора да се почитуваат и имплементираат целосно и со добра волја, без разлика дали зборуваме за Дејтон, или за Преспа или за договорите Белград-Приштина“, порача Мицотакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот