Мицкоски – Орбан: Денешната средба го потврдува нашето стратешко сојузништво

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски утрово во Охрид се сретна со унгарскиот колега Виктор Орбан, кој е во дводневна посета на државата. Мицкоски ја опиша средбата како плодна и пријателска и порача дека Унгарија не е само партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.

– Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција – напиша Мицкоски на неговиот фејсбук-профил.

По средбата следува заедничка меѓувладина седница, а потоа двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.

Фото: Влада на РСМ

Инаку, за време на посетата на унгарската владина делегација, вообичаено за гостите се организира прошетка низ Охрид и разгледување на најзначајните места во градот и околината. Па така, Орбан ќе ја посети црквата „Богородица Перивлепта“, како и Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а заедно со Мицкоски и Орбан ќе положат и цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Поради посетата на Орбан, СВР Охрид најави посебен сообраќаен режим. Засилено полициско обезбедување има низ улиците во и надвор од градот.

На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ е забрането запирање и паркирање возила, а кога ќе се движат возилата на делегациите, привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

Дислоцирани се и возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самуил“ и Кејот „Македонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот