Мицкоски најави инвестиција која ќе отвори над 100 работни места, Битиќи вели дека се „кити со туѓи перја“

Мицкоски и Битиќи Фото: Колаж/Фејсбук

Христијан Мицкоски денеска преку социјалната мрежа Фејсбук, најави  германско-белгиска инвестиција која ќе отвори над 100 работни места.

Како што напиша премиерот, станува збор за EPSOTECH, која во партнерство со белгиската AIM ќе инвестира во изградба на нов производствен погон во земјава, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра.

– Објектот ќе биде лоциран во општината Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија. Со градежни активности се започнува на крајот на август, а за една година се планира вработување на повеќе од 110 наши сограѓани. Toa што е значајно дека дел од инвестицијата е и Центар за истражување и развој што дава голема додадена вредност на истата и ќе значи ангажирање на високо стручни вработувања – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи реагираше на објавата на Мицкоски, наведувајќи дека се работи за инвестиција што ја работела неговиот кабинет.

– Да, да: има разлика! Некој се „кити со туѓи перја“ и ја објавува инвестицијата на EPSOTECH како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период. Работа а не PR е потребна за нашата татковина да го доживее прогресот што го заслужува – напиша Битиќи.

Посочува дека заедно со EPSOTECH има уште шест други инвестиции за кои се изработени договорите за поддршка и го чекаат последниот филтер во Комисијата за заштита на конкурентноста кои од принципиелни причини и поради изборниот процес не биле обзнанени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот