Мицкоски на власт не се познава со Мицкоски во опозиција – премиерот само ќе ги замрзне функционерските плати, намалување ќе нема!

Премиерот Христијан Мицкоски / фото: Влада

Од Владата на прашањето на „Слободен печат“ како се стопи ставот на актуелната власт која додека беше во опозиција инсистираше функционерските плати веднаш да се намалат на нивото на кое беа пред одлуката на Уставниот суд, одговорија дека ставот за платите никогаш не променил, ниту пак некогаш бил дека одлуката на Уставниот суд треба да се промени

Владата на наредната седница во вторник ќе донесе одлука со која ќе ги замрзне функционерските плати на сегашното ниво и ќе го спречи зголемувањето што им следува од јануари 2025 година и тоа од 130 евра за најниските до 330 евра за највисоките функционери. Ова вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој се пофали дека таа одлука ќе биде донесена на негово лично барање. Се очекува одлуката повторно да биде во насока на намалување на коефициентите на сложеност со кои се множи основицата – просечната годишна плата.

Мицкоски, кој додека беше во опозиција остро го критикуваше минатогодишното зголемување на функционерските плати од 78 отсто, сега од позиција на премиер најавува дека тие плати нема да се намалат на нивото пред март 2023 година, а зголемувањето ќе влезе во новото законско решение што многу брзо ќе биде изготвено.

– Тоа зголемување од 78 отсто ќе биде дел од законско решение кое набрзо ќе се најде пред пратениците, вклучително и сите оние плати кои се нивелирани согласно одреден коефициент и репер и се дел од платите кои ги примаат вработените во јавната администрација. Дополнително зголемување ви тврдам дека функционерите нема да добијат, иако има законска одлука и нивелирање согласно закон следната година. На мое лично барање на следна владина седница ќе донесеме одлука тоа да не се случи – рече Мицкоски.

Владата тврди дека е со непроменет став за платите

Од Владата денеска на прашањето на „Слободен печат“ како се стопи ставот на актуелната власт која додека беше во опозиција инсистираше функционерските плати веднаш да се намалат на нивото на кое беа пред одлуката на Уставниот суд, одговорија дека ставот за платите никогаш не променил.

– Ставот за платите никогаш не се променил, ниту пак некогаш бил дека одлуката на Уставниот суд треба да се промени. Оној став кој е непроменет е дека постои неоправдана дискрепанција помеѓу одредени износи на плати, меѓу одредени професии споредено со тежината и описот на работното место, што е факт. И тоа секако создава чувство на неправедност. Владата ја анализира состојбата по што ќе се излезе со решение во насока на постигнување на праведна одржливост – одговорија од Владата.

Оттаму не одговорија подетаљно на кој начин Владата ќе го спречи зголемувањето на функционерските плати од јануари 2025 година, дали и кога ќе биде изготвен нов закон за платите во јавниот сектор и дали е во ред една министерска плата да биде колку три просечни плати или колку пет минимални плати. Не одговорија целосно ниту на прашањето која е вистинската плата на премиерот Мицкоски и на министрите сосе додатоците, затоа што на владиниот сајт се ставени основните плати, а реалните се повисоки.

– Што се однесува до платите на членовите на Влада тие се јавно објавени, но, се во износи кои се наследени од претходната Влада. Премиерот Христијан Мицкоски зема законска плата од 140.450 денари дополнета со изминатиот стаж. Нема никакви други дополнувања и додатоци – одговорија од Владата, без да прецизираат колкава е премиерската плата сосе стажот.

Мицкоски кариерата ја започна во 2002 година, што значи дека има 22 години стаж. Основната плата на работникот се зголемува за 0,5 отсто за секоја година работен стаж, па произлегува дека на основната плата Мицкоски зема уште 10 отсто плус за минат труд и платата му изнесува 154.495 денари (2.512 евра). Доколку не се замрзнат платите на функционерите со ново намалување на коефициентите, Мицкоски од јануари, како и шефот на државата и претседателот на Собранието ќе добијат покачување од 330 евра и неговата плата ќе изнесува 2.842 евра!

На владиниот сајт е објавено дека сите министри земаат плата од 115.540 денари, но тоа е основната плата без нивниот минат труд.

Функционерите живеат, а народот преживува!

Вчера, зборувајќи за барањето на ССМ да се зголеми минималната плата на 450 евра, која сега изнесува само 360 евра, Мицкоски рече дека ја разбира потребата од зголемување, „оти секој од нас живее од плата“.

– Лично би сакал просечните плати да изнесуваат 5.000 евра, но треба да се работи за да се дојде до тоа – рече премиерот.

Но, додека беше во опозиција зборуваше поинаку, а исто така неодамна во едно интервју рече дека сите министри би требало да работат про-боно.

Кога Уставниот суд во март 2023 година ја укина фиксната основица со што функционерските плати се зголемија за 78 отсто, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, од прес-конференција порача дека 600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден, па во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија последна работа што треба да се направи е да се зголемат платите на функционерите.

– ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и корегира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот – рече тогаш Митева.

Потоа, во август, како што растеше револтот на работниците и се организираа серија протести заради ниските плати во јавната администрација, Мицкоски рече дека нема да предложат иницијатива за корекција на функционерските плати затоа што власта предводена од СДСМ ги одбива иницијативите на опозицијата.

– Искуството вели дека кога и да се поднесе иницијатива од опозицијата, од ВМРО-ДПМНЕ и најбрилијантна да е, се одбива. Не е проблем ние да поднесеме иницијатива за ревизија на платите на функционерите, но ќе се одбие. Да бидам попрактичен, за неколку месеци ќе имаме друга влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ќе предложиме ревизија на платите на функционерите – рече тогаш Мицкоски.

Претходната власт со цел да не се случи ново зголемување на функционерските плати во оваа 2024 година, во февруари годинава со измени на шест закони ги намали коефициентите за пресметка, кои од распон од 2,2 до 4,5, беа намалени на распон од 1,91 до 3,92, со што платите на министрите, судиите, градоначалниците и на другите функционери останаа на ниво како по зголемувањето од 78 отсто. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра! Ваквото галопирачко растење на платите од година во година може системски да се заузда единствено со нов закон за платите во јавниот сектор, но таков закон сè уште нема, па власта нема друго чаре освен секоја година да ги намалува коефициентите.
Од сите функционери, единствено судиите и обвинителите се побунија пред Уставен суд за намалувањто на коефициентите, но Судот ги одби нивните барања со образложние дека намалувањето на коефициентите е уставно.

Од 130 до 330 евра ќе се зголемат функционерските плати од јануари, ако не се смени или законот или коефициентите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот