Мелони со осуда за фашистичките испади на сопартијците

Фото: EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги предупреди своите сопартијци дека секој што го велича фашистичкото минато на Италија треба да биде избркан од партијата Браќа на Италија, чиј лидер е таа.

Мелони ова го изјави откако медиумите минатата недела објавија видео на кое се гледа како неколку членови на младинската група на партијата ја креваат десната рака во фашистички поздрав извикувајќи „Зиг хајл“ (Sieg Heil).

Во вчерашното писмо до раководството на партијата, Мелони наведува дека е лута и тажна затоа што со овој потег е нарушен угледот на партијата.

– Во нашата партија нема место за расизам или антисемитизам, како што никогаш немало место за оние кои носталгично гледаат на тоталитарните режими од минатиот век. Нашата задача е премногу важна за да дозволиме да биде уништена од оние кои не ја разбираат големината на таа задача, изјави таа.

Партијата „Браќата на Италија“ потекнува од неофашистичката група која се појави по Втората светска војна, но Мелони се обидува да се дистанцира од ултрадесничарите и вели дека нејзината партија е класично конзервативна.

По објавувањето на видеото на порталот Фанпејџ, италијанската опозиција соопшти дека „владејачката партија е рај за екстремните десничари и оти се лажни напорите на премиерката да се претстави како умерена политичарка и во Италија и во светот“.

Премиерката, која минатата недела ги осуди методите на Фанпејџ, рече дека нејзината партија мора да биде транспарентна и доследна.

– Секој што верува дека јавната слика на членовите на нашата партија не соодветствува со тоа какви се приватно, едноставно не разбира какви сме ние и затоа не е добредојден, рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот