Маричиќ: Дигитализацијата и вештачката интелигенција во правосудството се неминовност

Глобален самит за дигитализација на правосудството/фото:МИА

Дигиталната трансформација, која ги интегрира технологиите и ги зголемува можностите во многу сфери во секојдневието, секако влијае и на правосудството и овозможува тоа да зајакне, што, пак, е иманентно поврзано со очекувањата на ЕУ, но и со исполнувањето на препораките од поглавјето 23 од процесот на усогласување на законодавството за членство во Унијата. Ова беше истакнато на отварањето на вториот Глобален самит за дигитализација на судството, што овие три дена ќе се одржува во Охрид. На самитот ќе учествуваат повеќе од 200 учесници – судии, обвинители, адвокати, претставници на ИТ-компании, претставници на државните органи и институции, а ќе присуствуваат гости од 32 држави во Европа и пошироко.

На учесниците со видеопорака им се обрати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој посочи дека со првите судници што се опремени за водење на процеси на далечина се создадени услови за дигитална комуникација на сите учесници во судските спорови.

– Тоа беа првите чекори напред кон забрзување на процесот на дигитализација на судството, обезбедувајќи поголема ефикасност и атрактивност на праводусниот систем, како и заштеда на време и пари. Оваа Влада останува цврсто на ставот дека дигитализацијата на судството и употребата на вештачка интелигенција во судскиот систем не е веќе прашање на избор туку неминовност – рече Маричиќ.

Според вицепремиерот, судските реформи во крајна линија се во полза на граѓаните, а најзначајно за тој процес е посветеноста на сите фактори во правосудниот систем.

– Нашата крајна цел е враќање на довербата на граѓаните во судството и побрзо исполнување на стандардите и критериумите на најважниот и најкомплексниот кластер во преговорите со ЕУ, оној за темелните вредности – рече вицепремиерот Маричиќ.

Судијата Лазар Нанев најави дека на Самитот ќе биде укажано на конкретни компаративни примери на дигитална трансформација, на промени на процесите со развој на нови модели во постапките, но истовремено и на зголемување на процесите што имаат цел да ги унапредат новите современи дигитални решенија.

– Прашањата за добрите практики од регионот и севкупно процесот на дигитализацијата неминовно ја тангираат целокупната општествен заедница и денес не може да се замисли ниту еден процес без користење на современите дигитални алатки, а правосудството како сегмент на општественото живеење директно е порвзано со тие процеси. Современите текови во дигитализацијата на правосудството се повеќе ќе зазема широк простор и во таа насока правосудниот систем во земјата воспоставува нов поглед, нова култура и начин на живеење… Токму правосудниот систем е двигателот на процесите на дигитализација, дигитизација и дигитална трансформација на општеството. Ние сме подготвени, имаме визија, желба, сакаме да ги постигнеме и оствариме најдобрите ефекти на знаењата, моќта што современите ИТ алатки ги нудат – рече Нанев.

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев оцени дека добрите практики во процесот на дигитализација на праводните системи можат да придонесат во развој на националното правосудство.

– Дигитализацијата значи многу во новото време во судството, во Обвинителството нормално, во делот на ефикасноста на судството, ажурирањето на процесите на постапките и сметам дека сме на добар пат, веќе практикуваме добар дел од работата во делот на дигитализација. Сметам дека во иднина треба да се зголеми, да се усоврши таа дигитализација и со тоа очекуваме подобри видливи резултати – рече Георгиев.

Причините за бавниот процес на дигитализацијата тој ги гледа подеднакво и во недостигот од соодветен кадар и во недостигот на пари.

– Тоа е нов систем каде што се потребни материјални средства, потребна е и обука за судиите, секако и за странките во постапките, со една едукација да се забрзат сите овие процедури за развој на дигитализацијата – рече тој.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ посочи дека дигитализацијата во едно општество може да се случи кога Владата ќе ги дигитализира своите услуги во целиот јавен сектор, и кога ќе се дигитализирта правосудниот сектор.

– Дигитализацијата и досега се има случено. АКМИС-от веќе е во употреба. Сега во моментот имаме и во Јавното обвинителство електронски запис на одредени списи, така да и поврзувањето, комуникацијата и пренесување на информациите од судството во обвинителството за да може да ги разменуваат како во доказната постапка, одредени информации веќе е во прва фаза да започне и се надеваме дека ќе заврши – рече таа.

На Глобалниот самит ќе се разменат најдобрите искуства, најдобрите практики, знаења за она што во моментов е тренд во креирањето и имплементацијата на дигитализацијата, но и практичната примена на новите платформи што ги нуди вештачката интелигенција која веќе има свој удел во водењето и донесувањето одлуки кај пониските, полесните постапки во областа на прекршоците и управните предмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот