Маките на граѓаните немаат крај – и на плус 40 по еден час се чека автобус

Градски двокатни ЈСП автобуси на рекорд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Граѓаните кои секојдневно се возат во автобуси се сведоци за состојбата на возилата, и на „државните“ и на приватните, но немајќи друга подобра алтернатива мора да ги користат такви какви какви што се. Бараат барем автобусите да бидат редовни.

На пеколни жештини скопјани и понатаму чекаат дури и по еден час автобус, а потоа кога конечно ќе го дочекаат се возат во неклиматизирани возила, препотени и изнемоштени. Ретки се автобусите каде има клима, што не е ни чудно тргнувајќи од фактот дека возниот парк на ЈСП „Скопје“ се наоѓа пред колапс.

Од неодамнешната јавна изјава на возачот на автобусот што поради откажување на воланот се качи на жардиниера кај ТЦ „Мавровка“, граѓаните можеа да слушнат и дека некои од возилата се неисправни, односно приправени преку ноќ за наредниот ден да се тркалаат по скопските улици. Граѓаните пак, кои секојдневно се возат во автобуси се сведоци за состојбата на возилата, и на „државните“ и на приватните, но немајќи друга подобра алтернатива мора да ги користат такви какви какви што се.

Нивниот, во моментов, најголем проблем е како да стигнат на работните места, а да не задоцнат и да немаат проблеми поради тоа, поради нередовниот возен ред. Приватните автобуси возат како сакаат и кога сакаат, поради тоа што со месеци не им се исплатени парите за услугата што ја вршат, а ЈСП „Скопје“ вози по летен возен ред откако започна распустот на учениците. Но доколку извесно време се застане на автобуска станица каде има дисплеј кој го покажува времето на пристигање на автобусите, лесно ќе се забележи дека возниот ред не се почитува. Односно, на дисплејот се најавува едно, а во реалноста се случува друго, па возилото што се најавува на пример за една минута, не пристигнува воопшто на станицата.

ВИДЕОАНКЕТА | Колку време чекате автобус во Скопје?

Граѓаните бараат барем наутро кога се оди на работа и во периодот кога луѓето се враќаат од работните места да има поредовни и повеќе автобуси, особено во периодот од 15 до 17 часот кога температурата на воздухот е највисока.

Утрово цел час доцнев на работа токму поради автобусите. Живеам во Ченто и најпрво излегов на станицата за да се качам во 23-ка или 45-ка, но ниеден од овие автобуси немаше. По половина час залудно стоење со уште еден куп патници, тргнав на друга станица каде поминува автобусот на линија 65, која ја опслужува ЈСП, надевајќи се дека можеби тука побрзо ќе дојде автобус. Чекав цел час и се разбира стигнав на работа со еден час задоцнување. Срамно е и жално ваквото однесување и на ЈСП и на приватните превозници. Срамен е и понижувачки ваквиот третман на граѓаните – реагира жител на Ченто во нашата редакција.

Денеска можевме да се увериме дека не само граѓаните, туку и возачите се во „немилост“ на јавното претпријатие и дека својата работа ја вршат во невозможни услови, со часови затворени без клима во тесните кабини во двокатните автобуси, со пешкирче префрлено зад вратот.

 Верувајте дека работиме во ужасни услови. На патниците им е тешко без клима, но тие после неколку станици ќе се симнат од возилото, а ние вака возиме со часови. И замислете, ни викаат пазете да не се онесвестите и да направите белја, ако ви е лошо исклучете се од сообраќај. Како да се исклучиме, да го оставиме градов без автобуси? – ни раскажа возач на автобус, за кој не посочуваме на која линија вози за да нема проблеми со претпоставените.

Меѓу другото, според неговите зборови, ЈСП нема ниту доволно возачи ниту автобуси,а и оние што ги има се дотраени и често се расипуваат. Како што вели, џабе граѓаните очекуваат подобар превоз оти во моментов, со овие автобуси, подобар превоз не може да им се обезбеди.

За да се реши проблемот потребни се нови автобуси, а нови автобуси нема, ниту ќе има наскоро – раскажува нашиот соговорник.

Од жештината 10 до 15 колапси дневно, луѓе се онесвестуваат на автобуски станици, на работа, во автобуси

Од ЈСП „Скопје“ молчат за состојбата во која се наоѓаат автобусите, а во ретките прилики кога ќе решат нешто да соопштат велат дека јавниот превоз редовно функционира.

Со денови ја нема да се огласи ниту градоначалничката Данела Арсовска. Единствено минатата недела во соопштение до јавноста се пожали дека повторно предложила на дневен ред на седница да се расправа за набавка на нови автобуси со кредитно задолжување, но дека точката не била ставена на дневен ред. Но ако смета на тоа дека поради тоа пред граѓаните нема вина за состојбата со јавниот превоз, тогаш се лаже. Токму Арсовска им вети на скопјани бесплатен превоз и нови автобуси. Граѓаните очекуваат барем да имаат редовно автобуси, па какви и да се.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот