Македонските транспортери догодина ќе имаат на располагање повеќе ЦЕМТ дозволи

За 2025 година има зголемување на бројот на дозволи и на располагање имаме 1.750 годишни ЦЕМТ дозволи што е за 70 повеќе од оваа година. За следната година на располагање имаме и 2.736 месечни ЦЕМТ дозволи и тоа 720 за ЕВРО 5 и 2.016 за ЕВРО 6, порача заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири на 19. Средба на камионските превозници во организација на Асоцијацијата Макам-транс и додаде дека и во иднина ќе продолжи поддршката од Владата за транспортниот сектор.

Владата, како што кажа, во транспортерите гледа партнер со кој заедно ги креираат транспортните политики и создаваат услови за подобри услови за работа во оваа дејност.

-Развојот на вашите компании и зачувувањето на работните места се многу важни за одржување на стабилноста на економијата и затоа преземаме иницијативи и активности за да обезбедиме непречен и континуиран транспорт, рече Зеколи Шаќири.

Таа додаде дека Министерството за транспорт разви нов систем за распределба на дозволите кој е поефикасен од претходниот и по првпат е поврзан со Агенцијата за вработување и Централниот регистар.

-Во периодот што следи ќе продолжиме да се поврзуваме и со други институции и очекуваме целисходност и непреченост на функционирање на системот со дозволи. Направена е и промена со која се сменети критериумите за аплицирање за ЕКМТ дозволи, потенцира Зеколи Шаќири и додаде дека се преговара со неколку држави за зголемување на квотите за дозволи.

Директорот на Царинската управа Бобан Николовски ја поздрави добрата соработка со Макам-транс и со останатите транспортни асоцијации и информираше за неколку тековни проекти што, како што рече, значително ќе ја олеснат работата на превозниците.

-Воведувањето на Системот за видео надзор и препознавање на таблички, автоматски ќе алармира кога одредена лента на граничен премин е преоптоварена и ќе овозможи брза реакција и намалување на времето за чекање на граница. Во тек е воведување на телесни камери за царинските службеници, со цел дополнително следење на завршување на постапките и контролите, а со тоа намалување на корупцијата, рече Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот