Македонскиот писател Жарко Кујунџиски со романот „Америка“ гостува во Италија

Писателот Жарко Кујунџиски деновиве престојува во Италија, каде што ќе учествува на две јавни презентации на италијанското издание на романот „Америка“. Гостувањето на Кујунџиски во Италија е во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, соопштија од „Антолог“.

Првиот настан ќе се случи на 6 јули во градот Мола ди Бари, во просториите на книжарницата „Libreria Culture Club Cafè“. Настанот е со почетокот од 19.30 часот, а освен авторот за книгата ќе говори и преведувачката на италијански јазик Маријанџела Бјанкофиоре. Разговорот со нив ќе го води Џулија Барбаненте, а извадоци од книгата ќе чита актерката Ангела Јуриљи.

Следниот ден, на 7 јули 2023, во Полињано а Маре, Кујунџиски ќе учествува на 22-то издание на еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот Пуља – „Il Libro Possibile“. Разговорот со Кујунџиски е предвиден на главниот градски плоштад од 23 часот, а модератор на настанот ќе биде Маријанџела Бјанкофиоре.

Фестивалот „Ил либре посибиле“ се одвива 8 дена на различни локации во градовите Полињано а Маре и Виесте и е од меѓународен карактер со огромен медиумски интерес. Истиот го посетуваат голем број читатели, а меѓу странските гости годинава е и познатиот шпански писател Фернандо Арабуру, автор на романот „Татковина“.

Фестивалот се одржува од 2002 година на иницијатива на културното здружение „Артес“, со цел културата и книгите да се „изнесат“ на плоштадите, а со тоа да се направат достапни за сите.

Фестивалот досега обединувал различни светови – добитници на Нобеловата награда, Пулицеровата награда, претприемачи, научници, актери, уметници и телевизиски личности – со цел да се дадат повеќе гледишта на реалноста и на литературата.

Како што веќе беше објавено оваа година, романот „Америка“ од Жарко Кујунџиски го доживеа својот превод на италијански јазик и книгата од печат излезе паралелно во Македонија во издание на „Антолог“ и во Италија за светскиот пазар во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.

Преводот на италијански јазик е објавен со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, известија од „Антолог“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот