Македонскиот амбасадор во Тирана на консултации кај министерот Муцунски

МНР / Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е повикан на итни консултации кај министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во врска со резултатите од пописот во Албанија, откако МНР најави дека со него планира да ги прецизира недостатоците и недоследностите во пописниот процес, како и разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.

-Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е веќе повикан на консултации. Поради итноста на материјата очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана, соопшти МНР.

Претходно Министерството за надворешни работи изрази сериозна загриженост за објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година.

Според резултатите од пописот објавен од статистичката служба на Албанија, бројот на „северномакедонци“ во Албанија изнесува 2.281 наспроти 5.512 на пописот во 2011 година, додека за прв пат 7.957 луѓе сега се евидентирани како „Бугари“, иако во на претходните 11 пописи во Албанија ниту едно лице не се изјаснило како Бугарин.

Македонскиот министер Тимчо Муцунски  реагираше да се промени формулацијата „северномакедонци“ во Македонци што и беше направено од страна на албанскиот Институт за статистика.

Албанските власти во 2017 година признаа „бугарско малцинство“ во Албанија со цел Бугарија да не го кочи европскиот пат на земјата, додека официјална Софија тврдеше дека во претходните пописи во Албанија бугарското население што живее во земјата било спречено да се смета како такво.

Македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација реагираа на пописните резултати дека не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата.

Во периодот пред пописот меѓу македонското малцинство во Голо Брдо и Тирана се прошета бугарската потпретседателка Илијана Јотова, тврдејќи дека Македонците се обидуваат да ги асимилираат Бугарите во овие делови. Слична беше и посетата на Радев на Косово каде зборуваше за постоење на бугарско малцинство во областа Гора каде традиционално живее македонско малцинство со исламска вероисповед.

Македонското малцинство во Албанија често добива помош и донации од бугарски здруженија што придонесува за нивното колебање при пописот, а според зборовите на македонските здруженија во Албанија поради континуираната негрижа на албанските власти за подобрување на животот во селата во Мала Преспа, Голо Брдо и Острени.

Министерството најави дека во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, но со жалење констатира дека „повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава“.

„Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок“, смета МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот