Македонија на петто место по одлив на мозоци, се соочуваме со загуба на таленти

Студенти/ Фото USA TODAY Network / ddp USA / Profimedia

Речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а според Индексот на одлив на мозоци, Македонија е на високото петто место, од вкупно 41 европска земја, што јасно покажува дека државата се соочува со голема загуба на таленти, покажува ревизорскиот извештај за „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“.

Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на македонски граѓани кои заминале во странство од 2013 до 2022 година изнесува 7.861 лице. Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажува дека од 2015 до 2022 година емигрирале 719 високообразовани лица.

Извештајот на ИОМ забележува дека Македонија е во елитната група на топ дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство, а Светска банка проценува дека 40 отсто од образовниот кадар ја има напуштено државата.

– Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциска политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите, стои во извештајот.

Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци“. Оваа стратегија, посочуваат од ДЗР, не е објавена во Службен весник и на веб-страницата на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија утврден е низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба, според ДЗР, се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на неформирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

Во извештајот се нотира дека не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција.

Резултатите од извршената анализа покажуваат дека се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без да се направи анализа кои студиски програми се од јавен интерес за државата за да бидат предмет на стипендирање.

Од друга страна, Министерството за образование и наука нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори.

– Врз основа на извршената анализа, ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата, покажуваат резултатите.

Во период од 2013 до 2021 година од државата просечно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала околу пет милијарди денари. Одливот на високообразовни кадри, според ДЗР има сериозен ефект врз Бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8 проценти од БДП на годишно ниво.

– Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19 проценти од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво, се наведува во ревизорскиот извештај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот