„Макавеј“ ја објави новата поетска книга од Христо Петрески

Во поетската едиција на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје се појави новата поетска книга на Христо Петрески со наслов „Човек, врата“.

Новото поетско огласување на Христо Петрески (поет, прозаист, автор на литература за деца, универзитетски професор и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија) сочинето е од пообемен корпус од над седумдесетина песни, настанати, главно во последните две-три години, поделени во циклусите „Портиче“, „Будеж“ и „Легло“.

Задржувајќи се на доблестите и достигнувањата на оваа нова книга на Петрески, поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски, меѓу другото, во издавачката препорака кон книгата констатира: „Во лириката од книгата ’Човек, врата‘ доминира упатеноста и одмереноста во откривањето на медитативните и евокативните пластови на песната. Петрески лирски резонира и со нијансите на јазикот на секојдневието, но и со магичниот, гномски, високометафоричен, певлив и беседовен темел на народната мудрост и на сензибилитетот на нашиот современ човек. Со таа потфатена златна жичка на хармонизирање на богатиот јазичен медиум и личниот животен опит Петрески, чинам дека со оваа книга ја добива својата највисока, односно најзрела фаза во сопствениот поетски и книжевен развој. Истовремено, појавата на оваа книга претставува причина, естетска провокација и обмислено пласиран поетски влог во тековите на современата македонска литература“.

Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот