Лукаревска: Ќе воведеме данок на луксуз и богатство, ќе извршиме ревизија на сите дипломи

Врвот на СДСМ ја промовира својата изборна програма / фото: СДСМ

Мерката МојДДВ, која ја воведовме пред речиси 5 години е уште еден ефикасен механизам за заштита на домашната економија и на државниот буџет, но и мерка преку која вративме близу 150 милиони евра во семејниот буџет на граѓаните. МојДДВ продолжува да се бори со сивата економија заедно со граѓаните. Во 2025 година максималниот износ на поврат ќе го зголемиме на 2.400 денари, во 2027 на 2.700 денари, а на крајот на мандатот во 2028 година тој ќе изнесува 3.000 денари месечно, рече денеска директорката на УЈП и носителка на ИЕ3, Сања Лукаревска на промоцијата на програмата на СДСМ, „Програма за европска иднина“.

Таа додаде дека успешните економски политики на СДСМ овозможуваат планирање на уштедна даночна придобивка – нула отсто данок на добивка на минималната плата.

– Водилка во нашата даночна политика е социјал-демократската правичност. Ние сакаме да му помогнеме на бизнисот, а не да го молземе. Но, мора да има баланс. Тие што имаат многу, треба да плаќаат повеќе! Затоа, по сериозна анализа и широка дебата, воведуваме данок на луксуз и богатство за да постои солидарност и правичност – рече Лукаревска.

Таа додаде дека во наредниот мандат се предвидува и ослободување од царина за интернет нарачки до 180 евра по жител.

– Нашето одговорно работење и детална анализа на трендовите ни даваат простор и за олеснувања во царинската политика како уште една програмска понуда за наредниот мандат – ослободување од царина за интернет нарачки до 180 евра по жител – рече Лукаревска.

Таа додаде дека во програмата се предвидува и проектот „Грижа за младите“ со кој се предвидува по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години и станови за млади брачни парови до 29 години во чија откупна цена, дел од сумата ќе биде субвенционирана од Владата.

– И на туризмот и на земјоделието, на економијата и на граѓаните им е неопходна добра инфраструктура. За таа цел предвидовме 2,7 милијарди евра инвестиции во инфраструктура за изградба на 194 километри автопатишта и реконструкција на 950 километри патишта до 2028 година – додаде Лукаревска.

Таа го најави и проектот „50 села – 50 приказни“ со кој за четири години во македонската економија ќе се слеат околу 500 милиони евра преку развојот на руралниот туризам.

– Во програмата предвидуваме и низа мерки со кои сакаме да испратиме порака до младите дека СДСМ мисли и се потпира на нив. Со гордост го најавуваме проектот „Грижа за младите“ кој подразбира по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години и станови за млади брачни парови до 29 години во чија откупна цена дел од сумата ќе биде субвенционирана од Владата – рече Лукаревска.

Додаде и дека во програмата е зацртано и изградба на нови социјални згради во Штип и во Прилеп, но и регулирање на породилното отуство на жените земјоделки.

– Свесни дека грижата за децата бара пошироко внимание и акција, воведуваме Европска детска гаранција како гаранција за системски одговор за справување со детската сиромаштија. Воведувањето на Европска детска гаранција си го поставивме како статешка цел. Оваа гаранција го скратува и го забрзува патот до благостостојба на најважните, на децата – рече Лукаревска.

Таа додаде дека во програмата се најавува и намалување на административните обврски за наставниот кадар, бидејќи доброто образование подразбира и наставен кадар кој многу повеќе ќе биде фокусиран на знаењето.

– Некои случувања и јавни сомнежи го поттикнаа и нашето размислување за појавата на лажни дипломи. Велиме стоп за лажни дипломи и најавуваме ревизија и евалуација на сите стекнати – рече Лукаревска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот