Купувањето дипломи мора да запре, ќе се затворат тие високообразовни институции, најави Јаневска

Предлог министерката за образование и наука Весна Јаневска најави ревизија на високообразовните институции кои со години ги следат скандали за купување на дипломи, ниски стандарди и продуцирање на неквалитетен кадар кој потоа лесно наоѓа позиции во администрацијата и државните институции. Последен скандал во низата со приватните универзитети беше оној со Меѓународниот универзитет во Струга, познат како Универзитетот на Мерко, кој деновиве доби, па ја загуби акредитацијата за медицински науки. Со потписот на министерот Јетон Шаќири ќе се отвореше Виша медицинска школа за сестри, но Одборот за акредитација ја повлече претходно донесената одлука.

-Сакам да потенцирам дека Високата медицинска школа за сестри и средните училишта за сестри не се помалку важни од медицинските факултети. Во здравствениот систем како што имаат улога докторите толку имаат и сестрите. Колку штета на пациентот можат да нанесат докторите, толку штета можат да нанесат и сестрите па е ирелевантно дали било висока школа за сестри или Медицински факултет. Ние и секако ги имаме премногу. Скандалите со купени дипломи, добиени предвреме, тие уште студираат, а во меѓувреме нели напредуваат кариерно на некаков друг начин, секако мора да бидат запрени. Јас не тврдам дека ние тоа ќе го направиме во еден ден. Граѓаните мора да знаат дека имаме закони и тоа е процес, но нам толку многу универзитети и факултети не ни требаат, вели Весна Јаневска во интервју за „Слободен печат“.

Преголемиот број приватни и државни универзитети и факултети, според Јаневска придонело наместо за квалитет и конкурентност, за девастација на образовниот систем.

-Толку високообразовни институции не само што не требаат туку придонесоа за девастација на образовниот систем. По закон со сите расположливи алатки, ако треба ќе внесеме и некоја друга алатка за да можеме да ги редуцираме и оние коишто работат по закон и ќе речам едноставно чесно, во коишто студентите стекнуваат знаење, нека не се плашат слободно ќе можат да работат. Но секаде кадешто ќе бидат најдени вакви општествени девијации ќе следи процес на длабока ревизија со докази и затворање на тие образовни институции, децидна е Јаневска.

На новинарската констатација дека нивното отворање како и проектите за дисперзирани студии, што придонесе за хиперпродукција на високообразовни кадри се од времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Јаневска вели:

-Јас сум длабоко убедена дека идејата била добра затоа што таа некаде надвор функционирала. Се сметаше прво дека образованието треба да им се доближи на младите луѓе, да им се намалат трошоците, зборувам за дисперзираните студии што беше одлична идеја, но се покажа дека не е добра. Отворањето на приватните универзитети требаше да внесе конкуренција меѓу тие универзитети, факултети, државните, приватните меѓусебна. Дополнително да се вложат пари таму да се направат лаборатории од приватен сектор па да се развива наука, но како што обично бива во Македонија и тоа се покажа како лошо решение. Оттука нема зошто да бегаме од она што сме се обиделе со добра намера да го направиме но се покажало дека не е во ред. Сега гледаме дека тоа не е во ред, мора да го поправаме и ќе го поправаме, вели Јаневска.

Меѓу новините кои ги предвидува новата влада во образованието се и стипендирањето на талентирани студенти, а финансирањето ќе опфаќа покривање на сите трошоци за студирање и сместување, како и месечен надоместок за трошоците за живот во текот на целото студирање. Завршените студенти потоа ќе бидат ангажирани во јавниот и приватниот сектор во државата, со што ќе се намали нивното иселување и ќе се поттикне изборот на овие дефицитарни професии.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот