Кумановското ЈП „Чистота и зеленило“ за една година за хонорари платило 100.000 евра

Лицата се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места, а дел од нив, се ангажирани континуирано за период подолг од две години, пишува бво извештајот на Државниот завод за ревизија

Привремено ангажирање на работници и подолго од 2 години за работи што се предвидени со систематизација, огромен долг за неплатен ДДВ што се влечка уште од 2004 година и кој се отплатува на рати, непрефрлање на пари во општинската каса, како што наложува регулативата – се дел од забелешките за работењето на кумановското јавно претпријатие „Чистота и зеленило“, нотирано во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, што е објавен денеска, ДЗР, констатира дека во 2020 година за привремено ангажирани работници во 2020 година се платени околу 100.000 евра.

„Со увид во приложената документација, ревизијата констатира дека во период од 2018 – 2020 година, бројот на ангажирани лица по овој основ се движи од 29 до 54. Лицата се ангажирани за вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места, а дел од нив, се ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквиот начин на ангажирање на лица, не е во согласност со член 24 од Законот за приватните агенции за вработување, кој предвидува во кои случаи, агенцијата може да отстапи работник за вршење на привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без прекин, што укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и нивна повластена положба во постапката на нивно ангажирање и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи на претпријатието“, пишува во Извештајот.

Ревизорите објаснуваат дека согласно член 25 од Законот за јавна чистота, парите за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на другите видови неопасен отпад, треба да се уплататат во буџетот на општината и се користат за финансирање на Програмата за јавна чистота.

„Со извршената анализа констатиравме дека јавното претпријатие не врши редовна и целосна уплата на средствата од надоместокот за одржување на јавна чистота на сметката на буџетот на општината, поради што се доведува во прашање континуираната реализација на програмските активности. Во 2020 година, иако по овој основ претпријатието наплатило 16.990.000 денари од корисниците на услуги, на сметката на општината има уплатено 2.500.000 денари или 14,71% од наплатениот надоместок“, пишува во Извештајот.

Од 2019 година, претпријатието е во постојана блокада поради издаден налог за извршување, по основ на ненавремено подмирување на обврски за ДДВ од 2004 година по пресуда на Основен Суд Куманово, во вкупен износ од 28.349.000 денари (околу 500.000 евра). Од 2021 година, минимумот што му се остава на претпријатието за работа се 218.000 евра, а другите одат за наплата на долгот кон државата.

Во извештајот е наведено и дека ЈП извршило набавка на средство за одмрзнување без да се изврши анализа за реалните потреби и без да се почитувани во целост одредбите од Законот за јавни набавки. Станува збор за набавка од 42.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот