Кујнското катче на Ана Крстаноска: Солени топчиња со фета

Фото: Приватна архива

Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).

Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.

– Спремањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.

Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за солени топчиња со фета.

– Денеска имам да ви предложам нешто многу вкусно и екстра брзо. Идеални се за мезе и совршени кога немате баш многу време на располагање – вели Крстаноска.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

  • 200 г фета сирење
  • 100 г кисели краставички
  • 50 г чајна или кулен
  • 50 г печен сусам
  • 100 г семки за обложување на топчињата

Подготовка:

За почеток, испасирајте го фета сирењето со виљушка. Потоа ситно исечкајте ги краставичките и чајната во сечкалка, но можете и рачно.

Потпечете го сусамот на тавче со повремено промешување, без масло.

Соединете ги сите состојки и оставете ги во фрижидер околу половина час. Доколку сакате да го забрзате процесот, оставете ги во замрзнувач околу 15 минути.

Како последен дел од постапката – оформете топчиња и обложете ги со семките.

Уживајте во оваа брза, но вкусна закуска!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот