Кујнското катче на Ана Крстаноска: Рецепт за торта „Леден ветер“

Ана Крстаноска и нејзиниот десерт „Леден ветер“ / Фото: Приватна архива

Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).

Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.

– Приготвувањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.

Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за торта „Леден ветер“.

– „Летен ветер“ е највкусната и најлесната летна торта. Кремаста и со вкусен фил, таа е број еден кога станува збор за благо задоволство – потенцира Крстаноска.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

За кората:

– 9 белки
– 300 грама шеќер
– 1 лажица оцет

За прв фил:

– 9 жолчки
– 800 мл млеко
– 50 грама брашно
– 50 грама густин
– 150 грама шеќер
– 1 лажица ванила арома
– 150 грама маргарин, оставен на собна температура

За втор фил:

– 500 мл хопла

Овошје:

– Киви, банани, јагоди

Подготовка:

За почеток, одвојте ги белките од жолчките.

Прво подгответе го филот. Изматете ги деветте жолчки, заедно со шеќерот. Во друг сад, соединете го брашното со густинот и ванилата. Ставете малку од потребното млеко и мешајте за да не се создадат грутчиња. Додајте ја добиената смеса во смесата со жолчките и матете за да стане мазно. Загрејте го останатото млеко. Потоа додајте ја смесата со жолчките и мешајте постојано додека не добиете смеса како пудинг. На крај, тргнете ја настрана, покријте со фолија и оставете ја да се лади на собна температура. Кога смесата ќе стане млака, изматете ја со миксер за да ја добиете конечната форма на филот. Потоа изматете го маргаринот во друг сад и додавајте малку по малку од филот за да се соедини.

Што се однесува до кората, изматете ги деветте белки. Следно, додавајте лажица по лажица од шеќерот и матете додека не добиете цврста текстура како цврст шлаг. Пред крајот, додајте од оцетот. Распоредете ја смесата врз хартија за печење, поставена на плех, и печете на 150 степени во времетраење од еден час. Извадете ја добиената кора и пресечете ја на три еднакви дела.

Изматете ја хоплата за вториот фил.

Редење: Земете го првиот ред од кората и поставете ја врз подлога. Врз неа наредете од жолтиот фил, а врз него – тенки кругчиња киви. Следно, наредете од хоплата и врз неа ставете го вториот дел од кората. Повторете ја постапката, но овој пат наредете од исечканите банани. Завршувате со третиот дел од кората, со јагоди како трето овошје. За крај, добиената торта премачкајте ја со богат слој од хоплата.

Оставете ја тортата во фрижидер за да се стегне, а препорачувам да ја дегустирате следниот ден.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот