Кризата на либерализмот: развод меѓу либерализмот и демократијата?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Светот се трансформира со голема брзина. Како и секоја трансформација во која немате контрола на процесите, така и светската трансформација може да биде погубна за либерализмот и либералната демократија.

Причината за оваа малку поапстрактна дебата не е само отсуството на вакви теми во нашиот етер. Причината е подлабока, но и актуелна. Потребата од дебата извира од оние базични и рамковни теми од кои подоцна се оформуваат и политиките на домашен план (па ако сакате во пракса десни или леви од кои ќе зависи и ставот по однос на некои прашања врз кои ќе се градат политики, па дури и од кои ќе зависат интеграциите во ЕУ). Актуелноста, пак, извира од геостратешките случувања апропо војната во Украина, војната на Блискиот Исток, порастот на десницата во Западна Европа и главно на изборите во ЕУ; растот на Кина, БРИКС и сојузот помеѓу авторитарните режими; колонијализмот во Африка и тоа од водачите на либерална Европа итн.
Овие теми се прашања што како клин се вадени во, до скоро непобедливиот спој помеѓу либерализмот и демократијата.

Тој спој како гарант за успех посебно во перцепцијата и еуфоријата по падот на комунизмот, е под силен притисок. Овој притисок особено дојде до израз после низа процеси што му зададоа удар на воспоставениот концепт на управување под либерално-демократската рамка (фер и демократски избори базирани на индивидуализам) и хибридите од практикувањето на таквото управување (квази демократски принципи полни со инженеринг на овие процеси олицетворени во псевдодемократија). Лошите политики и резултатите од глобалната војна против тероризмот; Арапската пролет и двојните стандарди во пристапот на неа; стабилитократијата на ЕУ и загубената стратегија за пристап во постконфликтните подрачја (вклучително и Западен Балкан); неуспехот да се претпостави или замисли инвазијата на Крим; гладот за профит и евтина работна сила, заедно со демографскиот предизвик кој требаше да се компензира со мигрантите и како резултат на тоа мигрантската криза; ковид-19 пандемијата и катастрофалниот менаџмент на истата; војната во Украина, војната меѓу Израел и Хамас; растот на Кина и јакнење на сојузот на антизападната коалиција заедно со поривот против колонијалните практики во Африка кои сè уште се тука, заедно со изгубениот монопол на државата во повеќе сфери за сметка на корпорациите и јакнењето на т.н. суверени индивидуи што имаат исклучителна политичка (не само економска моќ) се само дел од низата на фактори што се одразија на тестот пред кој е ставена либералната демократија.
Кризата на демократите во САД околу потенцијалниот претседателски кандидат по која стана јасно дека со ароганција и игнорирање на проблемот само затоа што ни се може и преку застарени методи на контрола на наративот преку мас-медиумите се работи кои очигледно не поминуваат веќе најдобро како порано.
Дали тоа е причината поради која се тресе либералната демократија, не е најјасно. Но проблемите не се само таму. Двојните стандарди со кои под таа ароганција на дел од политичките елити и претпоставката дека се во супердоминацијата од деведесеттите години на минатиот век (па приказните за едни мајка за други маќеа во склад со политичкиот интерес) сè уште се на сто. Различниот аршин за жртвите во Газа, наспроти Украина, или за пречекорувањето на правото, ги уби сите институции кои ветуваа да го јакнат легитимитетот на меѓународните институции и меѓународното право. Последно во таа низа секако е одлуката за Меѓународниот кривичен суд апропо израелските лидери. Целта не е да го судиме Израел. Не, целта е да покажеме како во свет на транзиција занесот на либералните лидери и нивната ароганција е најголемата закана за либерализмот и демократијата.
Светот се трансформира со голема брзина. Како и секоја трансформација во која немате контрола на процесите, така и светската трансформација може да биде погубна за либерализмот и либералната демократија. За потенцијалниот развод помеѓу либерализмот и демократијата веќе има доста текстови. Сите тие имаат различен аспект на анализата на перспективите на оваа состојба која се случува. Релевантноста за нас е голема, бидејќи реформските процеси во кои некои од нас си го потрошија животот ја имаат таа либерално-демократска рамка. На една страна се автори што тврдат дека либерализмот не е загрозен и дека заедно со демократијата стојат цврсто на светска агенда. На друга страна, пак, се автори што сметаат дека иако е под притисок, либерализмот ќе опстане. Конечно има такви што тврдат дека ако нештата не се променат либерализмот и демократијата ќе мора да одат на бракоразводна парница и тоа во доцните години од нивното опстојување. За да ја разбереме поентата на тезата за разводот ќе мора да се вратиме на основните концепти на кои почива спојот помеѓу либерализмот и демократијата.
Демократијата во суштина е начин на легитимирање на моќта, додека либерализмот е начин на ограничување на моќта (поделба на власта, основни права итн.). Конфузијата помеѓу овие две барања и, веројатно, зајакнувањето на либералната логика на штета на демократската логика, доведува до развој на режими што стануваат, или тврдат дека се нелиберални без да се откажат од демократските принципи и обратно.
Кризата на либералната демократија е и резултат на кризата која влијае на концептите во кои се развила демократијата (на пример, народ, држава, нација, моќ). Дополнително, процесите кои се случија под водство на овој среќен спој како глобализацијата, индивидуализацијата и дигитализацијата ги фатија неподготвени либерално-демократските елити за проблемите и предизвиците што може да се јават. Глобализацијата влијаеше врз дисперзија на надлежностите на државата. Транснационалната економска регулатива значи дека демократските принципи повеќе не важат за националните економски и социјални политики. Паралелно на ова идејата за транснационално управување значи и ограничување на националниот суверенитет. ЕУ е типичен пример во кој на мало се тестираше идејата за перпетуален мир преку универзална или светска влада. Фокусот на индивидуата и нејзината заштита за сметка на колективот е одраз на доминацијата на индивидуалистичките култури кои во рамките на либералната демократија доминираа во креирањето на политики и начини на управување. Токму тој акцент заедно со нагласениот притисок за лимитирање на улогата на државата во економските односи влијаеше на пораст на уште еден недржавен актер – меѓународните корпорации.

Конечно, дигитализацијата, која е во корелација со нагласениот фокус на глобализацијата, и индивидуата, е уште еден фактор кој влијае на дополнителна ерозија на улогата на државата. Ако државата е гарант за спојот помеѓу либерализмот и демократијата, значи гарант за балансот помеѓу индивидуалното наспроти јавното добро, овие три процеси (глобализацијата, индивидуализацијата и дигитализацијата) се одразија негативно врз демократијата за сметка на либерализмот. Слабеењето на демократијата на тој начин, посебно кај земјите кои имаат колективистичка култура може да се поврзе со кршење на основачкиот социјален договор на државата на благосостојба и делегирање на важни политички и економски одлуки на политички неодговорни актери (земете ги само предвид изјавите на Орбан во однос на Сорос). Со приближувањето на овие две тенденции, се појавува режим каде волјата на мнозинството има мало или никакво влијание врз суштинските одлуки поврзани со економското, социјалното и политичкото управување.
Ваквиот дискурс што се јавува во рамките на управувачката сфера и кој влијае на разводот помеѓу либерализмот и демократијата се случува во време на силен геополитички натпревар. Во едни такви услови и занес лидерите на либералната демократија се принудени да прават преседани со кои правото сакаат да го наметнат како легитимитет. Ако ви звучи познато, тоа значи дека се сеќавате на дебатите и аргументите од времето на нападите врз Југославија во име на хуманитарна интервенција и глобалната војна против тероризмот.
Многу слично, голем број од одлуките за двата конфликта што беснеат имаат иста рамка на пристап. Последната во низата на овие пристапи е и одлуката на МКС да го пролонгира налогот за апсење на Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, кои се обвинети за воени злосторства во Појасот Газа. Според Ерусалим пост, одложувањето наводно се должи на напорот на властите на ОК да ја оспорат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за ова прашање. Претходно, само да потсетиме, обвинителот на МКС, Карим Кан, повика на издавање налог за апсење на Нетанјаху, но не криеше да каже дека добива закани од политичари ширум светот. Тој за Си-ен-ен призна дека прашањето на налогот за апсење допира чувствителна меѓународна политика и стратешки интереси. Во интервјуто, Кан, зачудувачки, истакна дека некои избрани лидери тврдат дека МКС е основан првенствено за Африка и лидерите кои се сметаат за нелојални на западните сили, како што е Владимир Путин. Кан нагласи дека МКС „нема да биде под влијание на закани или какви било други дејствија“ и инсистираше на тоа дека на крајот ќе биде издаден налог за апсење против израелското раководство обвинето за воени злосторства. Американскиот Конгрес на овие напори на МКС одговори со закана до МКС со санкции ако биде издаден налог за апсење на Нетанјаху и Галант.
Оправдувањето за овие ставови според записниците од Конгресот е дека таа одлука на МКС буди загриженост оти тоа би можело да биде преседан за слични потерници против претставници на американската влада. Сепак, покрај тврдењата на обвинителот Кан за непоколебливост, овие настани значително му наштетија на кредибилитетот на МКС.

Согледаната подложност на судот на политички притисок и одложувањето на дејствијата против клучните личности обвинети за големи злосторства го нагласуваат растечкиот скептицизам во однос на неговата ефикасност и непристрасност.
Без да навлегуваме во натамошна аргументација реторички би прашале кому ова најмногу му одговара. Кому ако не на Москва, Пекинг, Техеран и Пјонгјанг. Сето ова несомнено води кон ставот дека како никогаш до сега либерално-демократските лидери мора да изнајдат решение преку кое ќе успеат да воспостават глобална и балансирана реформа во структурното управување во светот. Овие предизвици заедно со спорот околу тоа каде ќе се стави балансот на внатрешен план дали на јавното добро (колективот, групата, државата фамилијата, традициите и вредностите) или на потребата на индивидуата (идентитетските прашања итн. развојни права) се прашања кои ќе ја тестираат либералната демократија во периодот пред нас.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот