Кривичен суд и МВР ја префрлаат вината за бегството на Рамадани

Фото: Архива/Слободен печат

Кривичниот суд не гледа вина за определувањето на куќен притвор на Блерим Рамадани – командантот на УЧК кој се даде во бегство. Според нив МВР е одговорно за овој случај. Од таму, велат дека Судскиот систем во нашата земја не бил директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед на тоа дека на Рамадани не му се судело во земјава и немало оштетени македонски државјани. Сепак обврска на Македонија е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право.

„Конкретното лице било во активен притвор со решение на Судија на претходна постапка од 17.07.2024 до 01.08.2024 година, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лице го поминало во екстрадиционен притвор“, велат од Кривичен суд.

Од Кривичниот суд се повикуваат на случајот со лицето Томора Морине од 2019 година. Морине не бил екстрадиран во Србија бидејќи бил косовски државјанин и делото било сторено во Косово, па заради тоа надлежноста за водење на постапката ја има Косово, одлука што тогаш била потврдена од Врховниот суд, велат од Кривичен.

„Во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР, односно на надлежната полициска станица. Па заради тоа одговорноста (системска или индивидуална) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, велат од Кривичен суд.

Кривичен побара од Судскиот совет да провери дали судот постапувал согласно законот и праксата на повисоките судови.

Во меѓувреме се огласи и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тошковски потенцира дека: Согласно член 163 став 5 од Законот за кривична постапка, „судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување“.

Тошковски посочува и дека: Во овој случај, во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, СВР Скопје, ПС ОН Чаир, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска согласно горенаведената одредба од членот 163.

 – Согласно досегашната воспоставена пракса, добро позната за Судот, при извршување на мерка „куќен притвор“, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во неговиот дом. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал – порача Тошковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот