Кригла пиво на овогодинешниот Октоберфест ќе го пробие прагот од 15 евра

Германци пиво алкохол/ фото: EPA/ANDREAS GEBERT

Осум литри пиво во рацете на келнерка на овогодинешниот Октоберфест ќе чинат 120 евра. Познатите пива од еден литар ќе чинат во просек четири отсто повеќе отколку во 2023 година. Сепак, од 21 септември до 6 октомври, Минхен повторно го очекуваат милиони возбудени гости, објави германската агенција дпа.

„На претстојниот Октоберфест цената на пивото во просек ќе се зголеми за 3,9 отсто и за првпат фамозната литарска кригла ќе ја надмине границата од 15 евра“, објавија во средата минхенските власти.

На фестивалот во баварската престолнина една кригла пиво ќе чини од 13,60 до 15,30 евра, а лани цената се движеше од 12,60 до 14,90 евра. Градот како организатор на Октоберфест проверува дали понудената цена е разумна. Притоа тие го споредуваат планираниот ценовник со оној што редовно стои пред големите угостителски објекти во Минхен.

Во градот, едно премиум пиво сега чини меѓу 7,70 и 12,80 евра, но цената на пивото на Октоберфест сепак е оптоварена со дополнителни трошоци, па разликата е неизбежна. Фестивалското пиво е специјално подготвено и нешто појако од „сериското“ пиво. Покрај тоа, рестораните плаќаат за изнајмување простор на познатата минхенска ливада, за шаторите и за музиката во живо.

Инаку, пивото на фестивалот ќе чини отприлика двојно повеќе од пред 20 години. Тогаш кригла пиво се продаваше за 6,70 – 7,10 евра. Поскапуваат и понудените безалкохолни пијалаци: литар вода ќе поскапи од 10 на 10,5 евра, локалната мешавина на „кока-кола“ и „фанта шпеци“ од 11,65 до 12,23 евра, а лимонадата од 11,17 на до 11,67 евра. Оние, пак, што не сакаат да платат вода, ќе можат да пијат од двојно поголем број чешми – годинава 10.

Подготовките за Октоберфест, кој трае од 21 септември до 6 октомври, месецот по кој е именуван, започнаа на првиот работен ден од јули. Благодарение на фантастичното време, минатогодишниот Октоберфест имаше најдобра посетеност во последните децении со 7,2 милиони гости. Во тие две недели гостите испиле, а некои од нив сигурно истуриле, околу 6,5 милиони литри пиво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот