Ковачевски: Нема да ја објаснувам изјавата за односот на Бугарија, сите ја видоа директно, а можете и денеска пак да ја видите

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски и потврди дека сериозно мисли кога ја споредува политиката на Бугарија кон Македонија со онаа на Русија кон Украина. Прашан за коментар на тоа дека министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот бугарски колега Иван Кондов му објаснувал дека премиерот не мисли на целата држава Бугарија, туку само на поединци политичари, Ковачевски вчера одговори дека што имал да каже, кажал на Самитот на Советот на Европа во Исланд пред 46 делегации на државите членки на Советот на Европа.

– Постои видеозапис, изјавата беше дадена и во директен пренос и сите ја слушнаа и немам повеќе што да ја објаснувам. Нормално, министерот за надворешни работи Османи си има контакти со своите колеги и тие таму разговараат за дневните работи што ја окупираат дипломатијата, но мојата изјава ја имате интегрално и можете и денеска да ја погледнете – рече Ковачевски.

Премиерот е прв висок функционер од власта, кој директно ја спореди политиката на Бугарија кон Македонија со онаа на Русија кон Украина, што предизвика жестоки реакции кај бугарските функционери и остра критика од бугарското МНР. Досега такви споредби правеа само домашните и странските аналитичари, а во неколку наврати на меѓународна сцена тоа го стори и опозицискиот пратеник Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ при обраќањата во Советот на Европа.

На Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик на 17 мај на генералната дебата „Обединети за Европа“ премиерот Ковачевски рече дека Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права, одговарајќи на претходно изнесените критики на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека во Македонија не се признаваат основните човекови права.

– Обвинувањата наведени на овој Самит од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права. Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа – посочи Ковачевски во Рејкјавик.

Изјавата на Ковачевски ја коментираше поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој рече дека е валидна, ама задоцнета.

– Изјавата е и контрадикторна со политиката на постојано одоброволување на Бугарија во услови на нивно отворено непочитување на нашето самоопределување. Велам задоцнета, затоа што кога официјална Софија депонираше писмена негација на македонскиот јазик среде Брисел, Владата овде не само што глумеше пријателство, туку беше и соучесник во рушењето на македонските позиции, прифаќајќи сите алатки што ги бараше Бугарија за негирање на македонскиот идентитет да бидат дел од пристапниот процес со ЕУ. Да беше вистинско ова задоцнето соочување со реалноста, Владата ќе престанеше слепо да ги турка амандманите, ќе се извинеше за својата лекомисленост и ќе побараше помош. Без тоа, „јунаштвото“ на премиерот е само некаков емотивен излив или уште полошо, празна предизборна реторика – рече Димитров во интервју за ДВ.

Една недела по изјавата на Ковачевски во Рејкјавик на состанокот на Советот за надворешни работи во Брисел, бугарскиот МНР Кондов на куса билатерална средба побарал објаснување од колегата Османи за изјавата на Ковачевски.

– Тој се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но, јас го поставив прашањето – зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесувало тоа – рече тогаш Кондов.

Потоа бугарското МНР во соопштение објасни дека Кондов на заедничкиот министерски состанок реагирал дека „во РС Македонија има државно спонзориран говор на омраза, еднострани провокативни акции, кршење на човековите права…, а за такви нешта нема место меѓу заедничките вредности на европското семејство“.

Пратеникот Александар Николовски годинава на Парламентарното собрание на Советот на Европа рече дека слушајќи го украинските колеги за страдањата со кои се соочуваат прави паралела со судбината и негирањето на македонскиот народ.

– Негирањето на украинскиот јазик и тезата дека украинската нација се творба на Ленин и комунистите е слична со тезата за негирање на македонската нација и јазик и тезата дека Македонците се творба на Тито и комунистичката коминтерна. Оспорувањето и омаловажувањето на двете нации и јазици има многу сличности и симболика, дури се употребуваат и истите зборови – рече Николовски.

Лани Николовски на вонредната сесија на ПССЕ чија тема беше воената агресија на Русија врз Украина рече украинскиот и македонскиот народ имаат многу сличности, односно, како што е оспоруван украинскиот национален идентитет и јазик, така од страна на Бугарија е оспоруван македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик.

На ваквите и слични споредби лани реагираше евроамбасадорот во Македонија  Дејвид Гир, кој рече дека целосно ја отфрла оваа споредба помеѓу двете крајно различни ситуации.

– Дејствата на Русија се широко осудени во ГС на ОН и тоа се две различни ситуации. Во Украина градови се бомбардираат од руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник – рече тогаш Гир.

Кога почна војната, на ова прашање одговараше и претседателот Стево Пендаровски. Тој тогаш рече дека негов личен став е дека Путин ја нападнал Украина од геостратегиски причини и дека не верува оти во 21 век може еден таков анахрон историски наратив да биде предоминантен во каква било дебата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот