Ковачевски: Имаме прецизен план за енергетската криза, но има и ризици

Денеска заседаваше Советот за безбедност, кој беше посветен на енергетската криза во земјава. Премиерот Димитар Ковачевски, по завршувањето на состанокот, на прес-конференција рече дека државата има јасен и прецизен план за справување со енергетската криза, но дека постојат и ризици. Засега, со спроведувањето на планот, не треба да има рестрикции, а за стопанството ќе се обезбеди струја по цена поповолна од онаа на берзите.

– Имавме продуктивен, добар и успешен состанок. Фактите се дека имаме висока цена на берзите и недостиг на струја во Европа. Нашата цел е на сите граѓани, на сите микро и мали претпријатија да им обезбедиме најевтина цена на струја, како што и сега правиме со субвенционирање на цената на домашното производство. За бизнисот што е на либерализиран пазар, целта е да се обезбеди цена што ќе овозможи да опстојат и да функционираат – рече Ковачевски.

За да се постигне овој план, рече Ковачевски, се обезбедува јаглен за РЕК Битола и Осломеј, се обезбедува мазут за ТЕЦ Неготино, а и за РЕК Битола и Осломеј, и се обезбедува гас за приватните компании за производство на струја ТЕ-ТО и КОГЕЛ.

– Има и ризици. Ризик се непредвидливи испади во РЕК Битола и во Осломеј поради апсолутна застареност на опремата, постара од 40 и 50 години. Непредвидливи ризици има и за цената на електричната енергија и гасот до ниво на неиздржливост, како и евентуални забрани за извоз на природен гас и на други суровини за производство на електрична енергија. Затоа имавме состаноци дома, но и надвор, како во Бугарија, која има вишок електрична енергија и која произведува базна енергија за регионот, како и со Грција која е логистички центар за Балканскиот Полуостров – рече Ковачевски.

Ковачевски, исто така, потенцираше дека поради тоа што сега сите купуваат јаглен и мазут, има недостиг на транспортни средства и високи цени за превоз. Тој апелираше и до копачите на криптовалути, тоа да не го прават во ова време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот