Ковачевски бара чаре за енергетската криза, разговараше со шефот на азербејџанската дипломатија

Фото: Кабинет на премиерот Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Њујорк имаше билатерална средба со министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов. Тема на разговор на состанокот била енергетската криза и можностите за соработка во обезбедувањето енергенси и можноста за приклучување на гасоводната мрежа.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот било истакнато дека воените дејствија на Русија врз Украина се една од причините за енергетската криза во светот и дека ваквата состојба повеќе се чувствува во Европа, за што има сериозно зголемување на цената на природниот гас.

-Во разговорите беше истакнато дека Азербејџан придонесува во надминувањето на енергетската криза, преку развивање на постоечките гасоводи. На состанокот беше дискутирано и дека ЕУ се насочува кон сигурни снабдувачи на енергија, а Азербејџан е еден од нив, преку проширување на Јужниот гасен коридор со удвојување на испораките на гас од Азербејџан во ЕУ, информира владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски истакнал дека со интерконекторот за гасно поврзување со Грција, Северна Македонија ќе се поврзе со трансјадранскиот гасовод и на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.

-За Владата на Република Северна Македонија, изградбата на национален гасоводен систем и неговото поврзување со регионалните гасоводни системи е приоритет. Средбата во Њујорк меѓу премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Бајрамов, беше искористена за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји во различни сфери, се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот