Ковачев: Нема потреба од посредник во односите меѓу Бугарија и Македонија

Андреј Ковачев, бугарски европратеник/Фото: Архива на СП

Единствената европска преговарачка рамка за Република Северна Македонија нема да пукне, без разлика колку Виктор Орбан ги нуди своите услуги“, дециден е бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ЕПП по повод одвојувањето на Македонија од Албанија на патот на интеграција во ЕУ.

Тој потсети дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегнал во Унгарија, а голем дел од македонските „медиуми на ВМРО-ДПМНЕ се во рацете на Унгарците и не се, во најмала рака, многу пријателски расположени кон Бугарија, и недостига духот на добрососедство“.

По повод предлогот на Виктор Орган неговата земја да биде посредник меѓу Бугарија и Македонија, Ковачев додаде дека нема потреба за тоа.

Според него, главната теза на властите во Северна Македонија е дека „патот на РСМ кон Европа е блокиран од Софија, Бугарите се лошите момци и тие се виновни за сè“.

„Тоа се обидуваат да го протуркаат како главна теза и во македонските медиуми. Политиката на Христијан Мицкоски и неговата влада и тоа што не ја почитуваат преговарачката рамка – самите се виновни за ова, но не сакаат да признаат“, изјави европратеникот за БНР.

Неправедно беше Албанија да чека поради тоа, бидејќи Република Северна Македонија не ги исполнува критериумите за почеток на преговори за членство во ЕУ, нагласи европратеникот.

„Прашањето е зошто Северна Македонија не ги исполнува овие критериуми. Зборуваме за основни човекови права, за Бугарите во РСМ да се чувствуваат пријатно и да имаат можност за развој на кариерата. Во моментов нема ниту еден Бугарин кој отворено го декларира својот идентитет, кој е на некаква позиција во која било институција, зашто тоа не оди на добро, тоа е опасно и треба да се промени. Ние ги поддржуваме од многу одамна, први ги признавме. Бугарија отсекогаш сакала и продолжува да сака интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан, но тие мора да си ја завршат домашната задача“, рече Ковачев.

Во петокот на прес-конференцијата по средбата во Охрид меѓу премиерите Мицкоски и Орбан, унгарскиот премиер предложи официјална Будимпешта да посредува за да се надмине спорот со Бугарија и да се откочи евроинтегративниот процес на Македонија, но Софија експресно го одби предлогот на Орбан.

„Следната станица за Северна Македонија е на некој начин да се спогодат со Бугарија. И јас за тоа имам свој предлог и тој предлог му го пренесов на премиерот. И му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседателството со ЕУ и да посредуваме во ова прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник, тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме да се најде решение какво што им одговара и на Северна Македонија и на Бугарите“, изјави во Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Бугарскиот технички министер за надворешни работи, Иван Кондов, беше дециден за унгарското посредување во нарушените македонско – бугарски односи.

„Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес“, изјави Иван Кондов уште во петокот.

Бугарија влегува во седми изборен циклус, а предвремените парламентарни избори се закажани за 27 октомври. Бугарското Национално собрание во четвртокот пред да се распушти поради изборите, консензуално донесе Декларација со која ја повика Владата во Скопје да ги изгради делниците од Коридорот 8, да го врати позитивниот дијалог раскинат поради антибугарската кампања во Македонија и повика на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности повикувајќи се „на богатата заедничка историја на двете земји“. Според Декларацијата бугарската страна негирањето на заедничката историја од страна на македонските власти претставува „директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година“.

СДСМ: Раздвојувањето на Албанија од Македонија е само поради погрешните и штетни политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот